Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, рече дека неговата земја има историски и културолошки односи, како и силна партнерска врска со Северна Македонија.
Чавушоглу се обрати на заедничката прес-конференција одржана по средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој е и претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), на која учествуваше и Хелга Шмид, генерална секретарка на ОБСЕ.
Заблагодарувајќи им се на Владата и народот на Северна Македонија кои стојат покрај Туркије од првите денови по земјотресот на 6 февруари што го погоди јужниот дел на земјата, Чавушоглу потсети дека Северна Македонија по овој повод го прогласи 13 февруари за ден на жалост и испрати тим за пребарување и спасување од 190 луѓе.
Чавушоглу нагласи дека овој тим соработувал со турските екипи во Адијаман и Кахраманмараш и извлекле двајца живи граѓани од урнатините.
Тој посочи дека како посебна точка на дневниот ред во Постојаниот совет на ОБСЕ се разговарало за земјотресите во Туркије, додавајќи дека на оваа средба примил сочувство и му била пренесена поддршката од земјите членки на ОБСЕ.
Чавушоглу истакна дека ОБСЕ, проширувајќи се од Евроатлантикот до Евроазија, вклучува 57 земји, и привлече внимание на фактот дека оваа организација, како и Организацијата за исламска соработка се најголемите организации по бројот на членки по Обединетите нации (ОН).
Нагласувајќи дека ОБСЕ се заснова на сеопфатно разбирање за безбедноста, Чавушоглу рече дека во тој поглед организацијата може да биде платформа за развој на соработката меѓу земјите членки за време на природни катастрофи.
Турскиот министер изјави дека во овој контекст, реформирањето на ОБСЕ ќе биде од голема корист, нагласувајќи дека тоа не се однесува само на земјотресите во Туркије и дека неговата земја ќе придонесе за чекорите што ќе бидат преземени во оваа насока во иднина и ќе преземе иницијативи.
„Имаме историски, културолошки и силни партнерски врски“
Тој рече дека ќе продолжат тесно да соработуваат со Северна Македонија за време на претседавањето со ОБСЕ, додавајќи дека на денешната трипартитна средба разговарале за прашања од агендата на ОБСЕ.
Според него, разговарале и за војната во Украина. „ОБСЕ имаше специјална набљудувачка мисија во Украина. Моравме да ја евакуираме по војната. На чело на оваа мисија беа двајца турски дипломати“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека разговарале за некои од прашањата со кои се соочува ОБСЕ, како што се буџетот и реформите, а со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Османи, секогаш се во контакт за билатералните односи меѓу Туркије и Северна Македонија.
Истакнувајќи дека постои силна врска меѓу двете земји, Чавушоглу рече: „Ние имаме историски и културолошки врски. Имаме силна партнерска врска. Турците кои живеат во Северна Македонија се важен елемент што ја поврзува Северна Македонија со нас“.
Чавушоглу подвлече дека нема да ја заборават солидарноста на ОБСЕ и земјите членки во овој тежок период и им се заблагодари на Османи и Шмид за нивната посета.
Османи: :Катастрофата создаде болка што не можеме да ја искажеме на никаков начин
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, рече дека трагедијата од земјотресите што се случија во јужна Туркије пред две недели покажува „колку е важно да се биде заедно“, нагласувајќи дека ќе продолжат да им даваат поддршка на погодените од оваа катастрофа.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Османи, кој воедно е и претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, се обратија на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по средбата во Анкара.
Османи рече дека неговата посета на Туркије се совпадна со многу болен период.
„Оваа катастрофа создаде болка што не можеме да ја искажеме на никаков начин, за стотици илјади луѓе, семејства и целата земја. Сакам да го изразам моето сочувство во име на ОБСЕ, мое сочувство до жртвите и посакувам брзо закрепнување на повредените“, нагласи Османи.
Истакнувајќи дека врските меѓу земјите се посилни во време на криза, Османи рече: „Ова се времиња кога човештвото е ставено на тест. Оваа трагедија нѐ потсетува колку е важно да се биде заедно. Ова покажува колку е важно единството и солидарноста“.
Османи нагласи дека ќе продолжат да ги поддржуваат луѓето погодени од земјотресот и им се заблагодари на сите земји членки на ОБСЕ за дадената поддршка.
Според него, за време на претседавањето на неговата земја со ОБСЕ ќе се фокусира на дополнителни механизми што може да се создадат во оваа насока и ќе проценат што може да се направи во иднина во слични трагедии.
Нагласувајќи дека односите меѓу Северна Македонија и Туркије се изградени на многу силна основа на доверба и заемно почитување, Османи додаде дека е тука да каже оти оваа поддршка ќе продолжи сѐ додека турскиот народ целосно не ја надмине оваа трагедија.
„Ќе продолжиме да стоиме покрај Туркије“
Генералната секретарка на ОБСЕ, Шмид, го пренесе своето сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски и рече дека Туркије и Сирија доживеале страшна катастрофа од земјотресот.
Шмид рече дека со оваа посета на Туркије со првиот човек на ОБСЕ, Османи, покажале солидарност во оваа насока, и дека дошле во Туркије во име на вработените во ОБСЕ.
Истакнувајќи дека по земјотресот, центарот на ОБСЕ во Виена веднаш стапил во контакт со турските власти и почнал да дава придонес, Шмид нагласи дека тие продолжуваат со напорите за давање поддршка и помош на многу искрен начин.
„Овде доаѓам од Конференцијата за безбедност во Минхен. И таму беа дадени исклучително важни пораки за поддршка. Бев заедно со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, и премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили. Сите ја истакнаа важноста да бидеме заедно и да дадеме поддршка во лицето на оваа трагедија. Ќе продолжиме да стоиме покрај Туркије“, рече Шмид.