Чавушоглу: Не дозволуваме проширување на грчките територијални води / Photo: AA

Туркије повторно повлече црвена линија против секое проширување на грчките територијални води во Егејското Море.

„Нема да дозволиме проширување на [грчките] територијални води ниту за една милја во Егејот, а камоли за 12“, рече министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на брифинг со новинарите на крајот од годината во главниот град Анкара, одговарајќи на наводите дека Атина планира да ги прошири територијалните води околу островот Крит до 12 наутички милји.

Цитирајќи ја одлуката на турскиот Парламент од 1995 година за ова прашање, Чавушоглу рече: „Уште еднаш ја предупредуваме Грција. Не навлегувајте во лажно херојство со тоа што ќе им верувате на оние кои би можеле да ви свртат грб. Не барајте авантуризам. Нема да заврши добро за вас!“

Декларацијата од 1995 година предупредува дека доколку Грција ги прошири своите територијални води во Егејот над 6 милји, Парламентот ќе ги даде „сите овластувања“ на Владата, вклучително и воените, да ги брани интересите на Туркије.

Чавушоглу нагласи дека декларацијата „останува на сила денес“.

„Туркије го продолжува дијалогот со ОН, САД, Русија, Ирак, како и со сирискиот режим на Башар ал Асад“, рече тој, коментирајќи го и трипартитниот состанок на турскиот, рускиот и сирискиот министер за одбрана и претставници на разузнавањето во Москва вчера.

„Ќе се сретнам и со [рускиот министер за надворешни работи, Сергеј] Лавров“, додаде тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни