Чавушоглу: Невозможно е членството на Шведска во НАТО без конкретни чекори / Photo: AA

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу потсети на дадените ветувања на Шведска и Финска во текот на кандидатурата за прием во НАТО, наведувајќи дека е невозможно Туркије да го одобри членството на Шведска во НАТО без да види конкретни чекори.

„Што се однесува до членството на Финска и Шведска, позицијата на Туркије е јасна и транспарентна“, рече турскиот министер за надворешни работи на заедничката прес-конференција со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој стигна во Анкара во солидарна посета по земјотресите кои ја погодија Туркије на 6 февруари. Потсетувајќи дека тероризмот е една од двете главни закани за НАТО, Чавушоглу рече дека Туркије очекува двете нордиски земји да одговорат на загриженоста на Анкара во поглед на борбата против тероризмот.

Чавушоглу рече дека „Шведска не презела никакви задоволувачки чекори“ од потпишувањето на трилатералниот меморандум на самитот на НАТО во Мадрид во јуни минатата година.

„Постојат ветувања (на Шведска и Финска) за членството во НАТО. Невозможно е да кажеме „да“ на членството на Шведска во НАТО, а да не видиме конкретни чекори“, рече тој.

„Дозволуваат и палење на Куранот, што е злосторство против човештвото“, изјави Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија рече дека кандидатурите на двете нордиски земји за НАТО можат да се оценат одделно, бидејќи Туркије е попозитивна кон финскиот процес.

Чавушоглу потсети на механизмот воспоставен помеѓу Туркије, Шведска и Финска и рече дека би било корисно третиот состанок на механизмот да се одржи во Брисел.

По разговорот со унгарскиот колега Петер Сијарто, Чавушоглу упати благодарност до Унгарија за како што рече, поддршката, солидарноста и пријателството.

„Ќе ги подобриме нашите односи на ниво на стратешко партнерство“, изјави Чавушоглу, додавајќи дека меѓусебните посети на Туркије и Унгарија ќе продолжат при што информираше дека Анкара ќе биде домаќин на унгарскиот премиер Виктор Орбан на 29 март.

TRT Balkan / агенции
Популарни