Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу истакна дека и покрај предизвиците во односите, преговорите со Соединетите Американски Држави (САД) околу договорот за воените авиони Ф-16 се одвиваат добро.
„Преговорите за Ф-16 се одвиваат добро. Пристапот на американската администрација за преговорите е многу позитивен“, рече Чавушоглу во телевизиско интервју.
По нејзиното неправедно суспендирање од програмата за авионите Ф-35, Туркије се обиде да склучи договор со САД за продажбата на Ф-16 и сетови за надградување на претходните модели на борбени авиони.
За да се помогне во решавањето на постоечките проблеми меѓу двете земји како што е поддршката на САД за терористичката организација ЈПГ/ПКК, санкциите и екстрадицијата на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетулах Ѓулен, која стои зад неуспешниот обид за државен удар во 2016 година во Туркије, Чавушоглу рече дека е воспоставен стратешкиот механизам и дека првиот состанок на министерско ниво е веќе одржан во Њујорк.
Чавушоглу истакна дека негативната атмосфера во американскиот Конгрес во изминатите години е растерана.
„Оваа [билатерална] соработка, исто така, има стратешко значење за НАТО“, рече тој, бидејќи и двете земји се членки на Алијансата многу децении.
„Тие, исто така, се свесни за улогата која Туркије веќе ја презеде, и да се надеваме дека оваа свесност не е привремена“, додаде Чавушоглу, осврнувајќи се на клучната улога на Туркије во неодамнешниот договор за испораките на украинско жито.
Запрашан околу можната нова операција против терористичките организации во северна Сирија, Чавушоглу рече дека подготовките продолжуваат и дека „ќе дојде неочекуван потег“, повторувајќи го предупредувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека таква операција ќе дојде неочекувано.
За односите со Грција, тој се пожали дека Атина постапува спротивно на меѓународното право и ги прекршува основните човекови права.
Чавушоглу, исто така, истакна дека Грција е домаќин на осомничени за тероризам и дозволува терористички кампови на ПКК на своја територија.
Во нејзината 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 луѓе, вклучително жени, деца и доенчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.