Чавушоглу: Се надеваме дека договорите ќе бидат патот за мир во Украина     Фото: АА

Поради промена на реалноста на терен постигнување договор за Украина моментално е потешко отколку во првите недели на војната, изјави министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, говорејќи на 17. издание на Бледскиот стратешки форум (БСФ) во Словенија.

Министерот за надворешни работи на Туркије Мевлут Чавушоглу на панелот „Колку има Европа во Европа“, говореше за актуелната војна во Украина која Русија ја покрена против западниот сосед на 24 февруари, за можностите за изнаоѓање мировно решение и улогата на Туркије во преговорите.

Како што рече, војната во Украина „порано или подоцна ќе заврши“ но не е познато кога. Исто така, истакна дека преговорите за Украина се потешки отколку претходно поради промената на реалноста на теренот.

„Во првите недели беше полесно да се постигне договореното решение. Сега, за жал, тоа веќе не е лесно. По вознемирувачките слики кои ги видовме во Буча, состојбите се сменија. Но на теренот има нова реалност. Говориме за мир, но тој мора да биде прифатен од двете страни и истовремено, треба да биде праведен за Украина“, рече Чавушоглу.

Истакна дека Анкара продолжува да води дијалог со Киев и Москва за изнаоѓање мировно решение.

Чавушоглу изрази надеж дека договорите, каков што е договорот за извоз на жито кој Украина и Русија го постигнаа со посредство на Туркије и Обединетите нации (ОН) и соработката со Москва и Киев ќе го „трасираат патот кон траен мир во Украина“.

Осврнувајќи се на санкциите кои западните земји ги воведоа на Русија поради војната во Украина, Чавушоглу изјави дека Туркије „не се придружува кон унилатерални санкции“ како што тоа не го направила ниту со Иран.

„Нашата трговија со Русија продолжи, но ние никогаш не и дозволивме на Русија да ги заобиколи санкциите преку Туркије. Ова е многу транспарентно. Ние увезуваме речиси 45 отсто од нашиот плин од Русија. Цените на плинот станаа трикратно повисоки. Колку се одржливи овие санкции? До крајот на оваа година или пред пролет ќе дознаеме. Санкциите против Иран беа одржливи и не ја погодија Европа или САД, но ова е прашање кое исто така мораме да го одговориме“, рече Чавушоглу.

AA
Популарни