Чавушоглу: Туркије ќе испрати повеќе сили за да ги заштити кипарските Турци     Фото: АА

Туркије нагласи дека ќе ги преземе сите мерки за да ги заштити кипарските Турци по одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за повлекување на ембаргото за оружје на Администрацијата на кипарските Грци.

Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, обраќајки се на средбата со студентите на Универзитетот „Памуккале“, истакна: „За да ги заштитиме кипарските Турци, таму ќе испратиме повеќе сили и ќе им обезбедиме секаков вид оружје што им е потребно.“

Како што рече Чавушоглу, американскиот државен секретар Ентони Блинкен истакнал дека оваа мерка била начин да се награди Администрацијата на кипарски Грци за нејзината соработка во прашањето за перење пари.

„Како што знаете, Администрацијата на кипарските Грци е позната по перењето пари“, рече Чавушоглу.

На 16 септември, американскиот Стејт департмент соопшти дека го укинува ембаргото за оружје на Администрацијата на кипарските Грци.

Турското Министерство за надворешни работи го осуди овој акт: „Оваа одлука, која е во спротивност со принципот на еднаквост на двете страни на островот, и која дополнително ќе ја зајакне непопустливоста на кипарските Грци, негативно ќе влијае на напорите за решавање на кипарското прашање и ќе доведе до трка во оружје на островот, нанесувајќи штета на мирот и стабилноста во Источниот Медитеран.“

Кипар е заглавен во повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај серијата дипломатски напори на Обединетите нации (ОН) за постигнување сеопфатно решение.

Етничките напади, кои започнаа во раните 1960-ти години, ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклавите заради нивна безбедност.

Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци, чија цел беше грчка анексија на островот, доведе до воена интервенција на Туркије како земја гарант за заштита на кипарските Турци од прогон и насилство. Како резултат на тоа, во 1983 година беше основана Турската Република Северен Кипар.

Во последните години имаше континуиран мировен процес, вклучувајќи ја и неуспешната иницијатива во 2017 година во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Туркије, Грција и Велика Британија.

Администрацијата на кипарските Грци влезе во Европската Унија (ЕУ) во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на ОН за ставање крај на долгогодишниот спор.

AA
Популарни