Чавушоглу: Туркије и Израел повторно ќе назначат амбасадори

Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, истакна дека донеле одлука да именуваат амбасадор во Тел Авив, во рамки на одлуката дипломатските односи меѓу Туркије и Израел на заемен начин повторно да се доведат на највисоко ниво.

„Чекорите што ги преземеме кон нормализација на односите вклучуваат повторно назначување амбасадори. Туркије одлучи да именува амбасадор во Израел, во Тел Авив“, рече Чавушоглу на прес-конференцијата одржана со неговиот киргистански колега Џенбек Кулубаев во Анкара.

Тој нагласи дека двете земји потпишале договор за соработка во областа на авијацијата.

Како што рече Чавушоглу, во септември ќе се одржи состанокот на Мешовитата економска комисија на двете земји.

Чавушоглу рече дека процесот ќе започне со одлука кој ќе биде именуван за амбасадор.

„Ќе продолжиме да ги браниме правата на Палестина, Кудс и Газа, и важно е нашите пораки директно да се пренесат во Тел Авив на ниво на амбасадори“, додаде шефот на турската дипломатија.

Чавушоглу во мај го посети Израел, што беше првата посета на министер за надворешни работи на Туркије во последните 15 години, со цел да разговара за нормализација на односите.

Истовремено, израелскиот премиер Јаир Лапид изјави дека двете држави одлучиле

да ги обноват целосните дипломатски врски и повторно да назначат амбасадори и генерални конзули.

„Обновувањето на односите со Туркије е важна предност за регионалната стабилност и многу важна економска вест за граѓаните на Израел“, додаде Лапид.

AA
Популарни