Чавушоглу:Актуелниот меѓународен систем не успева да одговори на проблемите

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу укажа на важноста на земјите како Туркије, Јапонија, Бразил и Индија во мултиполарниот свет и рече дека актуелниот меѓународен систем не успева да одговори на тековните проблеми.

„Заживувањето на Азија ја смени глобалната рамнотежа. Пандемиите, климатските проблеми, миграциите, тероризмот и енергетските и прехранбените кризи се глобалните проблеми на човештвото. За жал, сегашниот меѓународен систем не успева да одговори на нив“, рече Чавушоглу на прес-конференцијата во Токио, главниот град на Јапонија.

Тој нагласи дека сегашниот систем го трасира патот на конкуренцијата, а не на солидарноста и додаде дека таквата конкуренција е евидентна во текот на пандемијата од Ковид-19, како и во однос на прашањето на миграциите.

„Во такви епохи, глобалните актери мораат да застапуваат здрав разум, дијалог и дипломатија. Туркије активно води таква надворешна политика“, рече Чавушоглу.

Шефот на турската дипломатија рече и дека неговата држава за прашањата кои се однесуваат на Украина, Босна и Херцеговина, Кавказ, Либија и Сирија води активна политика која дава резултати во корист на целиот свет.

„И меката и тврдата моќ мораат да се користат во соочувањето со кризите“, порача Чавушоглу, изјавувајќи дека способноста да се разговара и со истокот и со западот е важна предност на Туркије.

Тој додаде дека Туркије, како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, била една од ретките актери кои успеале да имаат активни односи и со Русија и со Украина.

Во врска со односите на Туркије и Јапонија, Чавушоглу ги поздрави долгогодишните билатерални односи, потврдувајќи ја спремноста на неговата земја, дополнително да го зајакне стратешкото партнерство на Анкара и Токио.

„Гледаме голем потенцијал во областите како што се одбранбената индустрија, енергетиката, науката и технологијата“, додаде турскиот министер за надворешни работи.

Чавушоглу пристигна во Токио доцна синоќа за да присуствува на државниот погреб на јапонскиот премиер Шинзо Абе, кој е убиен кон почетокот на јули на предизборен собир во западниот јапонски град Нара.

Безбедносните агенции во Јапонија се ставени во состојба на приправност и повеќе од 18.000 полицајци ја чуваат локацијата во Токио, каде повеќе од 30 странски функционери ќе оддадат почит на поранешниот лидер на владејачката Либерално-демократска партија.

Меѓу странските гости се и потпретседателката на Соединетите Американски Држави Камала Харис, премиерите на Австралија, Индија, Јужна Кореја и Камбоџа и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бач.

Значаен дел од јавноста во Јапонија ги критикува организаторите на државниот погреб бидејќи за тоа од буџетот се потрошени околу 11,6 милиони долари.

AA
Популарни