Четири лица се убиени, а уште четворица се повредени во вооружен напад во Филаделфија. Напаѓачот е уапсен, објавија синоќа локалните медиуми, повикувајќи се на полицијата.
Портпаролот на полицискиот оддел во Филаделфија изјави дека има „повеќе жртви од огнено оружје“, но рече дека во овој момент нема дополнителни детали.
Полицијата синоќа пред 21 часот, десеттина минути откако одекнаа истрели во градот, уапсила осомничен маж кој носел балистички елек, додавајќи дека пронашла пушка и пиштол во блиската улица, пишува весникот „Филаделфија Инквајер“.
Според извештаите на весникот, двајца од застреланите биле малолетници, но не е јасно дали тие се меѓу загинатите.
Засега нема јасни детали за вооружениот напад. Медиумите јавија дека пукањето се случило во југозападниот дел на Филаделфија, во Кингсешинг.
Престрелката се случи еден ден откако две лица беа убиени, а 28 повредени за време на забава во Балтимор, Мериленд.
Полицијата соопшти дека се уште трага по повеќе осомничени за пукањето.