Ден на Европа и Ден на победата над фашизмот. Вака во светот се одбележува 9 Мај. Ако за членките на Европската унија асоцијација за овој ден е Декларацијата на Шуман и идејата за обединета Европа, тогаш за Русија тоа е договорот за капитулација на нацистичка Германија. И двете одбележувања се поврзани со крајот на Втората светска војна. Во продолжение ТРТ Балкан ви дава преглед на клучните факти и причини за двата начини на одбележување.
Визијата на Шуман
Во 1950 година, пет години по завршувањето на Втората светска војна, тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман изготвил декларација која се смета како појдовна точка од која подоцна настана Европската заедница за јаглен и челик и денешната Европска унија. Овој момент се смета како голема пресвртница во односите меѓу европските народи.
Со декларацијата, Шуман предлага довчерашните спротивставени страни во војната Франција и Германија да основаат организација за заедничко управување со индустриите за јаглен и челик. Денот на објавувањето на декларацијата, 9 Мај, е одбран бидејќи на тој ден Третиот Рајх потпишува капитулација во Втората светска војна.
„Комбинирањето на производството на јаглен и челик ќе ја промени судбината на регионите кои долго време се занимаваат со производство на оружје, од кое и самите тие најчесто биле жртви”, се вели во Декларацијата.
Подоцна во 1951 година се создава и Европската заедница за јаглен и челик на која и се приклучуваат и Италија, Холандија, Белгија и Луксембург. Таа потоа прераснува во Европска економска заедница од која настанува и Европската унија.
Во 1958 година Роберт Шуман бил избран за претседател на Европскиот парламент. На оваа позиција бил до 1960 година.
Воена парада во Москва
Државите од ЕУ фокусот го ставаат на одбележувањето на обединувањето на Европа, но Русија фокусот го става на победата во Втората светска војна. Одбележувањето традиционално се случува со воена парада на црвениот плоштад во Москва.
Капитулацијата на нацистичка Германија на 9 Мај 1945 година се случила во тогаш разурнатиот Берлин. Договорот од победничката страна го потпишале советскиот генерал Георги Жуков во име на СССР и британскиот генерал Артур Тедер во име на западните сојузници.
Проценките се дека од над 50 милиони директни жртви во Втората светска војна, 20 милиони биле од тогашниот Советски сојуз.