Израелската војска соопшти дека 10 заробеници Израелци од блокираниот Појас Газа му се предадени на персоналот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, известува Анадолу.
Во соопштението на портпаролот на израелската војска се наведува дека официјални претставници на Црвениот крст потврдиле дека им се предадени 10 жени и деца Израелци што Хамас ги држел во Појасот Газа, како и четворица државјани на Тајланд.
Министерството за надворешни работи на Катар објави дека меѓу ослободените израелски заложници, петмина се малолетници и пет жени, меѓу кои едно малолетно лице е од Холандија, три од Германија и една Американка.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, станбените објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на Ханибаловиот протокол од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Четиридневната хуманитарна пауза за која посредуваше Катар стапи во сила во петокот, на 24 ноември, со што привремено се запрени израелските напади на Газа, а вклучува и ослободување на заложниците што ги држи Хамас во замена за ослободување на Палестинците од израелските затвори.
Катар доцна во понеделникот објави договор за продолжување на четиридневната пауза за уште два дена, според кој ќе се спроведува понатамошна размена на заробениците.
Во рамките на договорот одлучено е секој ден да се ослободуваат 10 заробеници Израелци, жени и деца, од Појасот Газа и 30 жени и деца, Палестинци, затвореници во израелските затвори.