Светот годинава за првпат го одбележува 26 септември, Меѓународниот ден за целосно укинување на нуклеарното оружје, во атмосфера на страв од можна повторна негова употреба. Особено по почетокот на војната во Украина, нуклеарната закана речиси секојдневно се споменува. Дека светот е пред огромни искушенија предупреди и Претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации Антонио Гутереш.
И покрај апелите за мировни преговори и смирување на тензиите, одредени светски лидери објаснуваат дека располагаат со наоружување чија употреба може да има катастрофални последици.
Повеќе од половина од светското население сè уште живее во земји кои или имаат такво оружје или се членки на нуклеарни сојузи. Земјите кои поседуваат нуклеарно оружје на разни начини го оправдуваат модернизирањето на нивниот нуклеарен арсенал.
Рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето пред неколку дена потенцираше дека Русија има оружје за масовно уништување.
Кои држави имаат нуклеарно оружје?
Според информациите од Обединетите нации, денес во светот постојат 12.705 нуклеарни боеви глави. Од друга страна податоците на Федерацијата на американски научници велат дека таа бројка изнесува 13.000, од кои 90 отсто се во посед на две држави САД и Русија, а останатите ги поседуваат други земји.
Овие податоци покажуваат дека Русија располага со 6.257 нуклеарни боеви глави, додека САД имаат 5.600. Девет земји официјално располагаат со нуклеарно наоружување-Русија, САД, Кина, Франција, Велика Британија, Пакистан, Индија, Израел и Северна Кореја.
Договори за разоружување
Меѓународниот договор за неширење на нуклеарното вооружување го има потпишано 191 држава. Меѓу нив се и САД, Русија, Велика Британија и Кина кои развивале нуклеарно оружје уште пред да биде потпишан договорот. Тој стапи на сила во 1967 година. Северна Кореја се повлече од договорот во 2003 година.
САД и Русија склучија Договор за намалување на нуклеарно оружје со среден дострел, но САД се повлекоа од Договорот во 2019 година. Исто така САД и Русија се договорија и за мерки за натамошно намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје до февруари 2026 година.
Меѓународната заедница жестоко реагираше на иранската нуклеарна програма. Ставот на Иран е дека нивната нуклеарна програма немала воени цели. Сепак постоеа сомнежи дека била користена за нуклеарно вооружување.
Тоа беше причина САД, ЕУ и Обединетите нации да воведат санкции за Иран во 2010 година. Иран и водечките светски сили во 2015 склучија договор според кој Иран требаше да ја намали неговата нуклеарна програма во замена за Договор за трговска размена. Но поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 година.
Од кога се одбележува 26 септември?
Генералното собрание на Обединетите нации во 2013 година донесе одлука за одбележување на 26 септември како Меѓународен ден за целосна елиминација на нуклеарното оружје. Одбележувањето започнува од 2014. Согласно резолуциите на Генералното собрание, земјите-членки, на Обединетите нации, граѓанското општество, академската заедница, парламентарците, медиумите и поединците го одбележат и промовираат. И тоа преку едукација и јакнење на јавната свест за заканата и неопходноста од целосна елиминација.
Слични цели и во минатото
Глобално нуклеарно разоружување е една од најстарите цели на Обединетите нации. Тоа беше дел од првата резолуција на Генералното собрание во 1946 година, со која беше формирана Комисија за атомска енергија, со мандат да дава конкретни предлози за контрола на нуклеарната енергија и елиминација на атомското оружје.
Во 1959 година Генералното собрание ја утврди целта за целосно нуклеарно разоружување. Во 1978 година беше одржана првата специјална сесија на Генералното собрание посветена на разоружувањето. Секој генерален секретар на Обединетите нации активно ја промовираше оваа цел.