Путин изјави дека е многу среќен што ОАЕ почнале да работат во системот БРИКС / Photo: AA

Рускиот претседател Владимир Путин во Абу Даби се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, а за време на средбата истакна дека ОАЕ се главен трговски партнер на Русија во арапскиот свет.

Пред средбата на двајцата државници во палатата Каср Ал Ватан во Абу Даби се одржа официјална церемонија на пречек, соопшти Кремљ.

На почетокот на средбата Путин упати честитка по повод 52-годишнината од основањето на ОАЕ и потсети дека поранешниот Советски Сојуз е една од првите земји што ги признала суверенитетот и независноста на ОАЕ.

Истакнувајќи дека односите меѓу Русија и ОАЕ достигнале досега невидено ниво, Путин изјави дека администрациите на двете земји се во постојан контакт.

„Обединетите Арапски Емирати се главен трговски партнер на Русија во арапскиот свет. Минатата година трговската размена се зголеми за 67,7 отсто, мислам дека ќе се зголеми уште повеќе оваа година. Тоа важи и за инвестициските активности“, нагласи Путин.

Наведувајќи дека меѓу двете земји е развиена индустриска соработка, Путин изјави дека се реализирани многу големи проекти во нафтениот и гасниот сектор и дека соработуваат преку ОПЕК+.

Заблагодарувајќи ѝ се на земјата што отвори руско училиште и обезбеди простор за изградба на руска православна црква, Путин потсети дека ОАЕ минатата година ги посетиле околу милион туристи од Русија.

Тој потсети и дека Русија и ОАЕ соработуваат на меѓународно ниво. Путин рече дека ќе разговара за ситуацијата во Палестина и дека ќе ги информира за украинската криза.

Рускиот претседател изјави дека е многу среќен што ОАЕ почнале да работат во системот БРИКС и дека сака да ги види ОАЕ на самитот во Казан во октомври следната година.

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, од своја страна истакна дека односите меѓу Русија и ОАЕ се на историско ниво:

„Во последните години односите активно се развиваа на различни полиња во согласност со интересите на двете земји и народи.“

Истакнувајќи дека ОАЕ се најголем инвеститор во руската економија и дека инвестициите во ненафтениот сектор минатата година се зголемиле за 103 отсто, Ал Нахјан рече:

„Ова е чекор напред без преседан што ја покажува посебната природа на односите меѓу нашите земји. Со задоволство ќе ја продолжам нашата заедничка работа на зајакнување на билатералната соработка во различни области. Секако, посебно внимание му посветуваме на развојот во енергетиката, инфраструктурата, напредните технологии и други области.“

AA
Популарни