Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека нема да учествува во друга изборна дебата со противкандидатката од демократската партија и потпретседателка на САД Камала Харис.
„Нема да има трета дебата“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, пренесе Ројтерс.
Камала Харис го покани Трамп на втората предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по првата дебата на АБЦ Њуз.
За време на нејзиниот говор на предизборниот митинг во Шарлот, Северна Каролина, Харис изрази уверување дека таа и Трамп им должат на гласачите барем уште една дебата. Првата дебата меѓу Трамп и Харис ја гледале речиси 60 милиони ТВ гледачи.
Трамп пред да учествува во дебатата со Харис учествуваше и во дебатата против претседателот на САД и тогашниот кандидат на Демократската партија Џозеф Бајден.