ЕУ на 16 март во Брисел ќе одржи донаторска конференција за помош на жртвите од земјотресот во Туркије и Сирија, објави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром.
Пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, Билстром денеска рече дека донаторската конференција е организирана од Европската комисија и шведската влада која го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија на 1 јануари.
„Нашата цел е да собереме дополнителна поддршка за луѓето во Туркије и Сирија и да се обидеме да направиме што е можно повеќе за да ги ублажиме ужасните последици од овој земјотрес“, рече Билстром.
Во ЕУ според шведскиот министер за надворешни работи се очекува излезност на високо ниво на донаторската конференција.
На денешниот состанок, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за најновите случувања од војната во Украина и поддршката на ЕУ, за ситуацијата во Авганистан и за хуманитарната помош и енергетската и климатската дипломатија.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, потврди дека министрите ќе ги проценат деталите од десетиот пакет санкции против Русија, но рече дека не е сигурно дека ќе имаат конечен договор денеска.
Билстром пак е оптимист дека новите рестриктивни мерки ќе бидат усвоени наскоро, но не можеше да каже дали тие ќе стапат во сила до петок пред годишнина од војната, како што првично планираше Европската комисија.
Што се однесува до Авганистан Борел откри дека министрите ќе разговараат како да „одговорат на одлуката на талибанците да им забранат на жените да учествуваат во работата на невладините организации“, бидејќи тоа ги оспорува принципите на блокот за соработка со Авганистан. Тој објасни дека ЕУ не сака да ја прекине хуманитарната помош, но тие сакаат да „испратат порака“ до режимот на талибанците.
Борел, исто така, рече дека министрите на ЕУ ќе одобрат нов пакет санкции против ирански поединци според режимот за санкции за човекови права на блокот за задушувањето на демонстрантите и употребата на смртна казна.