Израелската армија во вторникот соопшти дека 20 војници биле убиени во „пријателски оган“ во Појасот Газа од почетокот на копнената операција во енклавата.
Од 105 израелски војници убиени во Газа од почетокот на копнената операција на 27 октомври, 20 биле убиени во пријателски оган, што претставува една петтина од смртните случаи, се наведува во соопштението на војската на израелското армиско радио.
Во соопштението на армијата, исто така, се вели дека од 20 војници загинати во „пријателски оган“, 13 војници загинале во несреќи со пукање откако погрешно биле идентификувани како палестински вооружени напаѓачи.
Двајца војници загинаа од прегазување на воени возила, други двајца убиени од шрапнели од експлозив намерно поставени од израелските сили, а еден војник загина од заскитан куршум.
Во соопштението се истакнува дека армијата постојано врши проценки на тековните борби во Газа, вклучително и проценка на инцидентите со пријателски оган за да се избегне нивно повторување.