Еден месец по израелските напади врз Газа / Photo: AA

Газа дочека уште еден ден со немилосрдните и жестоки израелски напади што траат веќе еден месец.

За тоа време, најгусто населената област во светот беше претворена во урнатини. Дневната светлина во Газа е прекриена со прав и темносив чад, додека ноќите се обоени во бојата на пламенот од интензивното бомбардирање.

Уништувањето и пожарите не се сè што може да се види во Газа. Секојдневно се закопуваат стотици цивили, главно жени и деца. На улиците опколени со урнатини има долги редици за вода, леб, храна и лекови.

Народот во Газа секој ден се бори за преживување и опстанок.

Вечерите на Палестинците во Газа веќе не се како пред војната. Деновиве им почнуваат во доцните попладневни часови, бидејќи со зајдисонце сите се враќаат во она што останало од нивните домови. Целите на Израел се главно сè што се движи на патот.

Најмалку 10.022 Палестинци, од кои 4.104 деца и 2.641 жена, се убиени во израелските бомбардирања во Појасот Газа.

Под урнатините 1.270 деца

Уште 159 Палестинци се убиени, а 2.250 ранети од страна на израелските сили на Западниот Брег во истиот период.

Портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал Кудра, изјави дека 70 отсто од жртвите на израелската агресија се жени и деца.

„Добивме 2.660 пријави за исчезнати лица под урнатините, вклучувајќи 1.270 деца, од почетокот на агресијата врз Газа“, рече Кудра.

Тој рече и дека загинале 175 здравствени работници, а уништени се 31 амбулантно возило.

Додаде дека окупацијата била насочена кон повеќе од 110 здравствени установи, „што предизвикало 16 болници и 32 примарни здравствени центри да останат без работа поради израелските напади и недостатокот на гориво“.

Според владината канцеларија за медиуми во Газа, во израелските воздушни напади загинале 46 новинари.

Канцеларијата во неделата соопшти дека „окупацијата намерно директно цели кон новинарите, вклучително и оние кои загинаа кога нивните домови се урнаа над нивните глави, заедно со нивните семејства“.

Масовно уништување

Во израелските напади беа уништени околу 220.000 домови, што е околу 60 отсто од вкупните станбени единици во Појасот Газа.

„Израелската окупација целосно уништи 55 џамии и делумно оштети 112 џамии“, рече Салама Маруф, шеф на владината канцеларија за медиуми во Газа.

„Цел на воздушни напади беше и црквата Свети Порфириј, третата најстара црква во светот. Покрај тоа, две други цркви беа уништени или оштетени“, додаде Маруф.

Во израелските напади беа уништени 15 здравствени установи и 51 примарна здравствена клиника, оштетени се 150 амбулантни возила, а 16 големи болници од вкупно 35 во Појасот Газа се надвор од функција.

Погодени се и 220 училишта, од кои 38 се целосно уништени, соопшти Канцеларијата за медиуми.

Покрај тоа, уништени се 42 објекти на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (UNRWA), вклучително и згради каде што раселените лица бараа засолниште.

Здравствената состојба се влошува

Уништувањето е само мал дел од хуманитарните страдања во Појасот Газа, каде што 55 отсто од партнерите во здравствениот сектор мораа да ја прекинат работата поради значителна штета на инфраструктурата.

Ова ги принуди болниците да работат со помалку од една третина од потребните ресурси за лекување на големиот број повредени, соопшти во неделата Министерството за здравство на Газа.

Министерството укажа и на „можноста за стопирање на инкубаторите за новороденчиња“, посочувајќи дека има 350.000 пациенти со незаразни болести и 1.000 пациенти на кои им е потребна бубрежна дијализа. Осумдесет отсто од апаратите за дијализа се наоѓаат во болниците во северниот дел на Газа.

Во изјава за Анадолу, д-р Рами ал-Абадла, заменик-директор за палестинска здравствена заштита, рече дека „консумирањето загадена вода ги зголемува шансите за ширење на епидемии“.

„Водоснабдувањето е целосно прекинато, а израелската Армија пресече три водоводи кои беа користени за снабдување на Појасот Газа“, посочи Ал-Абадла.

Тој нагласи дека дневно имаат по околу 1.000 случаи, меѓу кои и случаи на дијареја, колера, респираторни инфекции и труења.

Тој додаде дека „некои вакцини се достапни, но масовната миграција и несигурното движење ги направија стапките на вакцинација многу ниски, поради стравот да се оди во здравствените центри за да се вакцинираат децата“.

Хуманитарна состојба

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во неделното соопштение за печатот рече дека хуманитарната состојба во Појасот Газа е „катастрофална и се влошува секој момент“.

„Она што го гледаме во Газа е без преседан од нашето постојано присуство таму од 1967 година. Инфраструктурата за вода и отпадна вода е во голема мера оштетена и поголемиот дел од неа не е во функција, што е предвесник на еколошка катастрофа“, рече МКЦК.

Тие предупредија дека „болниците во Газа се на работ на целосен колапс, со исцрпени лекари и недостиг од медицински материјали и гориво“.

Наведоа дека „хируршките зафати се изведуваат без анестезија, често во болничките ходници поради големиот број жртви“.

Повикаа на „заштита на болниците, медицинскиот персонал и амбулантните возила“, нагласувајќи дека „болниците мора да останат места за спасување животи и безбедни засолништа за оние што се раселени и не треба да се претвораат во места на уништување и смрт“.

Воени операции

На воено ниво, по континуираното напредување на израелските воени возила на територијата на Појасот Газа во изминатите неколку дена, тие во саботата се повлекоа на една од клучните оски на инфилтрација северозападно од Појасот на оддалеченост од два километри.

Во меѓувреме, израелските тенкови напредуваа во близина на населбата Ал Заитун и периферијата на населбата Тел ал-Хава, движејќи се на запад кон улицата Ал Рашид на морскиот брег.

Напредокот се случи во време на интензивни судири со вооружените палестински фракции, што резултираше со жртви меѓу израелската Армија.

AA
Популарни