Египетското Министерство за надворешни работи денес ја осуди израелската воена контрола на палестинската страна на граничниот премин Рафа, опишувајќи го потегот како „опасна ескалација“.
Министерството во соопштението остро ги осуди „израелските воени операции во палестинскиот град Рафа и она што резултираше со израелска контрола на палестинската страна на преминот Рафа“.
Во соопштението се вели дека израелските воени операции во Рафа се „опасна ескалација што ги загрозува животите на повеќе од еден милион Палестинци кои првенствено се потпираат на преминот кој се смета за главен спас за Појасот Газа“.
Египет го повика Израел да практикува „максимално воздржување“ и меѓународните страни да интервенираат „за да се смири сегашната криза“.
Израелската Армија рано утринава соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата на палестинската страна на граничниот премин Рафа со Египет.
Портпаролот на палестинскиот граничен премин потврди претходно дека границата е затворена од палестинска страна.
Видеоснимката споделена од израелските медиуми, вклучително и од Тајмс оф Израел, покажува израелски тенк на преминот Рафа.
По најавата на палестинската група Хамас за прифаќање на катарско-египетскиот предлог за прекин на огнот во Газа, воениот кабинет на Израел одлучи да продолжи со операцијата во Рафа.
Израелската Армија вчера издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби Рафа и ги повика да се преселат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.
Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои се засолниле од војната што Израел ја започна по нападот на Хамас на 7 октомври во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.
Оттогаш, во израелскиот напад се убиени повеќе од 34.780 Палестинци, главно жени и деца, и е предизвикана и огромна хуманитарна катастрофа.
Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.