Освен жртви земјотресите предизвикуваат и голема материјална штета / Photo: AA

Освен десетици илјади смртни случаи и невидена тага, големите земјотреси во светот во последните 50 години, исто така, предизвикаа економска штета од речиси еден билион долари.

Според УНДП, во земјотресот со јачина од 9,1 степени според Рихтеровата скала и цунамито во Тохоку, Јапонија од 11 март 2011 година загинаа речиси 20.000 луѓе. Се создадоа 70 милиони кубни метри урнатини.

Земјотресот во Тохоку, исто така, ја создаде најголемата загуба во имот од 360 милијарди долари и најголемите трошоци во делот на осигурувањето од 47 милијарди долари.

Земјотресот со јачина од 6,9 степени во Јапонија во 1995 година, доведе до над 6.400 загинати со економска штета од 200 милијарди долари.

Земјотресот со јачина од 8 степени во Сечуан во 2008 година во јужна Кина, кој предизвика смрт на повеќе од 87.000 луѓе, резултираше со проценета штета од 150 милијарди долари.

САД го доживеаја еден од најскапите земјотреси во 1994 година. Земјотресот во Нортриџ на 17 јануари 1994 година, со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала го потресе Лос Анџелес, Калифорнија. Економската штета е пресметана на 50 милијарди долари. Тоа беше втор по големина земјотрес во светската историја во однос на трошоците за загуби од осигурување од 31 милијарда долари.

Земјотресот од 6,3 степени според Рихтер во Нов Зеланд во Крајстчерч во 2011 година, што доведе до смрт на 185 луѓе, резултираше со загуби на имот од 40 милијарди долари и со 14 милијарди долари од штетата покриена со осигурување.

Земјотресот од 8,8 степени во Чиле на 27 февруари 2010 година, еден од најсилните земјотреси, беше проследен со цунами. Земјотресот одзеде животи на повеќе од 500 луѓе и предизвика штета вредна 30 милијарди долари. Од нив 8,2 милијарди долари биле покриени со осигурување.

Во земјотресот во Чуецу во јапонската префектура Ниигата во 2004 година, со јачина од 6,6 степени, загинаа 40 луѓе, а околу 3.000 беа повредени. Имаше штета од 28 милијарди долари.

Земјотресот на Суматра уби 230.000 луѓе

Еден од најголемите светски земјотреси што се случи на Суматра, Индонезија беше беше со јачина од 9,1 степени според Рихтер на 26 декември 2004 година. Околу 230.000 луѓе загинаа, а 1,7 милиони беа раселени од земјотресот и цунамито во 14 земји во Јужна Азија и Источна Африка.

Земјотресот предизвика економска штета од 10 милијарди долари и урнатини од 12 милиони кубни метри.

Земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Хаити во 2010 година ги однесе животите на повеќе од 200.000 луѓе, додека неговата вкупна загуба на имот изнесуваше 8,5 милијарди долари и доведе до урнатини од 10 милиони кубни метри.

Во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала во Непал во 2015 година загинаа 8.964 луѓе, 21.952 беа повредени и предизвика економска штета од околу 10 милијарди долари. Земјата мораше да се бори со 27 милиони кубни метри урнатини и сè уште е ангажирана во напорите за обновување.

Земјотреси во Туркије

Најсилните земјотреси во Туркије се случија на 6 февруари 2023 година, во кои загинаа 45.968 луѓе. Од земјотресите во Сирија загинаа 4.267 луѓе.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер погодија 11 турски провинции, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Елазиг, Хатај, Газиантеп, Кахраманмараш, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа.

Повеќе од 13 милиони луѓе во Туркије се погодени од земјотресот. Двојните земјотреси според УНДП произведоа 100 милиони кубни метри урнатини.

Во земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала што ја погоди Туркије на 17 август 1999 година, загинаа 17.480 луѓе. Според турската конфедерацијана претпријатија и бизниси земјотресот предизвика економска штета од 17,1 милијарди долари.

AA
Популарни