Екстремно десничарска група се собра пред Кабинетот на премиерот во Западен Ерусалим, протестирајќи против договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Демонстрантите носеа симболични ковчези покриени со израелски знамиња и фотографии на израелски војници убиени во Газа, изразувајќи гнев поради договорот и неговите импликации.
За разлика од екстремната израелска десница, Палестинците со неколку собири во Газа и во Западниот Брег славеа, поздравувајќи го постигнатиот договор за прекин на огнот.
Кабинетот на Нетанјаху рано утрово соопшти дека Кабинетот нема да се состане за да го ратификува договорот за прекин на огнот додека Хамас не го одобри договорот објавен од посредниците.
Израелскиот безбедносен кабинет требаше да се состане денес за да го ратификува договорот.
Палестинската група на отпорот Хамас ги негира тврдењата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводно отстапување од договорот за прекин на огнот објавен од посредниците, повторувајќи ја својата посветеност на примирјето.
Катарскиот премиер и министер за надворешни работи, шеикот Мухамед бин Абдулрахман ал-Тани, вчера го потврди договорот за прекин на огнот што треба да стапи на сила в недела.
Тој ја претстави првата фаза, која ќе трае 42 дена и опфаќа ослободување на 33 израелски затвореници во замена за голем број палестински затвореници.
Прекинот на огнот ќе се случи на 467. ден од израелската неселективна воена кампања врз Газа, во која се убиени над 46.700 Палестинци, повеќето жени и деца, и којашто започна по прекуграничниот напад предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година. Во тој напад загинаа околу 1.200 луѓе, а речиси 250 беа вратени од Газа како заложници.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.