На прашањето кога би можеле да бидат објавени изборните резултати по вториот круг од претседателските избори, Јенер рече дека резултатите може да се знаат порано во однос на првиот круг.

Претседателот на Врховната изборна комисија на Туркије, Ахмет Јенер, изрази желба вториот круг од претседателските избори да биде од корист за државата и турскиот народ.

Јенер гласаше на избирачко место во училиште во Анкара, а потоа се обрати пред новинарите.

Како што рече, граѓаните покажале голем интерес за изборите во земјата и странство во вториот и во првиот круг.

„Сакам резултатите од изборите да бидат од корист за турскиот народ, турската демократија, политичките партии и претседателските кандидати. Изборите досега течат без никакви проблеми“, рече Јенер.

На прашањето кога би можеле да бидат објавени изборните резултати по вториот круг од претседателските избори, Јенер рече дека резултатите може да се знаат порано во однос на првиот круг.

Избирачките места низ Туркије се отворени утрово во 8:00 часот по локално време (7:00 часот по средноевропско време), со што започна гласањето од вториот круг на претседателските избори во оваа земја.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Туркије со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидат на Народна алијанса, и Кемал Киличдароглу, кандидат на опозициската Национална алијанса. Во вториот круг на изборите во Туркије право на глас дополнително имаат 47.523 гласачи што во меѓувреме навршиле 18 години.

Во првиот круг од изборите, одржани на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а водачот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89 отсто од гласовите. Народна алијанса предводена од владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), освои мнозинство во државниот Парламент во првиот круг.

TRT Balkan / агенции
Популарни