Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа остро ги осуди израелските воени напади врз Појасот Газа, опишувајќи ги како масакр над цивилите.
„Израел продолжува да масакрира цивили во Газа, неприфатливо е некои западни земји да молчат и да му помагаат на Израел“, рече Ердоган за време на состанокот со неговиот палестински колега Махмуд Абас.
Ердоган и Абас се состанаа во Претседателскиот комплекс во главниот град Анкара за да разговараат за тековната криза во Палестина и неопходните чекори за постигнување траен прекин на огнот и регионален мир.
Ердоган ја потврди цврстата поддршка на Туркије за Палестина.
„Туркије ќе продолжи да ја поддржува праведната кауза на Палестина, ќе продолжи да работи на запирање на Израел и зголемување на меѓународниот притисок врз Израел“, нагласи Ердоган.
Осудувајќи го израелското насилство, турскиот претседател додаде:
„Израел продолжува да масакрира цивили, вклучително и бебиња, во Газа, да ги раселува невините Палестинци и да ги гаѓа училиштата, болниците и подрачјата каде што цивилите наоѓаат засолниште.“
Тој ја нагласи неопходноста од постигнување итен прекин на огнот во Газа и осигирување дека хуманитарната помош ќе стигне до Палестинците.
„Сите земји, особено исламскиот свет, мора да ги интензивираат напорите за постигнување итен прекин на огнот во Газа и да обезбедат непречена испорака на хуманитарна помош“, рече Ердоган.
Тој изрази задоволство поради говорот на Абас закажан за денес во Големото народно собрание на Туркије.
„Мило ми е што претседателот Абас утре ќе се обрати пред Големото народно собрание на Туркије“, рече Ердоган.