Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, синоќа по средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Анкара, изјави дека независна палестинска држава со главен град Источен Кудс (Источен Ерусалим) е клуч за мирот и стабилноста на целиот регион.
Ердоган вчера во Анкара со највисоки државни почести го пречека претседателот на Палестина, Махмуд Абас, а по средбата зад затворени врати, одржана е заедничка прес-конференција.
Ердоган подвлече дека неговата земја продолжува да ѝ дава секаков вид поддршка на Палестина.
„Туркије ќе продолжи да ја поддржува Палестина на најсилен можен начин и ќе даде сѐ од себе за благосостојбата на Палестинците“, рече Ердоган и додаде:
„Важно е меѓународната заедница, а особено Обединетите нации (ОН) да се ангажираат околу палестинското прашање.“
Ердоган нагласи дека Туркије не може да прифати акции насочени кон измената на историскиот статус кво на светите места, особено кога станува збор за џамијата „Ал-Акса“.
Тој го повтори ставот на Туркије за поддршка на независна палестинска држава.
„Воспоставувањето независна палестинска држава со Источен Кудс како главен град на границите од 1967 година, врз основа на параметрите на ОН, е клуч за мирот и стабилноста на целиот наш регион“, порача Ердоган.
Претседателот Махмуд Абас во текот на своето обраќање им се заблагодари на претседателот Ердоган, на турската држава и турскиот народ за поддршката што ѝ ја даваат на борбата за независност на Палестина.
„Многу ни е важна поддршката на Туркије за независноста на палестинскиот народ, што ја дава бранејќи го Кудс“, рече Абас.