Туркије ќе продолжи да биде против угнетувањето и со угнетените и нема да отстапиме од овој хуманитарен став, додаде Ердоган / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во четвртокот повика на посилен одговор од меѓународната заедница, особено од Обединетите нации против окупациската политика на Израел.

Во видео пораката по повод виртуелниот Самит за иднината, Ердоган особено ја истакна важноста од зајакнување на меѓународната солидарност и напорите кон мирен, безбеден и праведен глобален систем.

Тој ги повика учесниците на Самитот целосно да ја искористат можноста што ја нуди овој настан и ја нагласи потребата од мир за да се изгради сигурна и просперитетна иднина.

Ердоган укажа на сериозните геополитички последици од проблемите и предизвиците како што се тероризмот, ксенофобијата и климатските промени и рече дека ситуацијата во Газа е особено потресен случај.

„Се соочуваме со ситуација кога загинаа повеќе од 41.000 луѓе, меѓу кои 17.000 деца, повеќе од 100.000 луѓе се повредени, а речиси цела Газа е уништена“, рече Ердоган.

Тој нагласи дека од клучно значење е меѓународната заедница, особено ОН, посилно да го кренат својот глас против израелската окупациска политика.

„Во свет каде што децата умираат од бомби, отворено кажувам дека никој од нас не може да се чувствува безбеден. Туркије ќе продолжи да биде против угнетувањето и со угнетените и нема да отстапиме од овој хуманитарен став“, додаде тој.

Тој, исто така, ја нагласи потребата од глобален систем на управување во кој развиените и земјите во развој се правично застапени.

„Мораме да ги заштитиме нашите демократии од сите форми на говор на омраза, расизам и екстремно десничарски движења кои ги трујат нашите општества“, рече Ердоган, додавајќи дека за да се постигнат сите овие цели, неопходно е да се преобликува мултилатералниот систем, чиј фокус ќе биде правдата.

Самитот на иднината се одржува во виртуелен формат под покровителство на Обединетите нации.

AA
Популарни