Ердоган истакна дека без почит кон исламот Шведска нека не негува надежи за НАТО / Photo: AA

Осудувајќи го саботното палење на светата книга Куранот во Стокхолм, претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган порача дека Шведска нема да ја добие поддршката за членството во НАТО доколку не ја почитува Туркије и не покажува почит кон исламот.

Турскиот претседател Ердоган претседаваше со денешната седница на Кабинетот во Анкара, а потоа во обраќањето до нацијата рече дека преку дискусија е утврдено дека недела 14 мај 2023 година е најдобар датум за одржување на овогодишните избори во Туркије.

„Доколку парламентот нема да го има доволното мнозинство за тоа, ќе ги искористам претседателските овластувања и ќе донесам одлуки изборите да се одржат на тој датум“, порача Ердоган.

Турскиот претседател рече дека на меѓународната сцена во последните денови особено внимание се придава на случувањата во Шведска во која со полициско одобрување се случил собир на кој е запален Куранот.

Ердоган остро го осуди палењето на Куранот во Шведска и порача дека никој нема слобода да ја навредува верата на муслиманите или другите религии.

„Тој гнусен чин е навреда се сите кои ги почитуваат темелните права и слободи на луѓето, особено на муслиманите“, истакна Ердоган.


Потсетувајќи дека инцидентот се случил пред турската амбасада во Стокхолм, Ердоган порача дека оние кои овозможиле такво нешто, не можат да очекуваат добра волја на Туркије во врска со прашањето на шведското барање за членство во НАТО.

„Доколку не ја почитувате Туркије и не покажувате почитување кон верувањето на муслиманите, нема да ја добиете нашата поддршка во врска со НАТО“, порача Ердоган.

Турскиот претседател Ердоган и во оваа пригода ја осуди благонаклонетоста на шведските власти кон активностите на терористичките и антиисламските групи, што беше и главна забелешка на Туркије на барањето за прием на Шведска во НАТО.

„Доколку толку ги сакаат припадниците на терористичките организации и антиисламистите, им предлагаме и националната одбрана да ја предадат во нивни раце“, порача Ердоган.

Расмус Палудан, лидерот на крајно десничарската партија Цврст курс (Stram Kurs), во саботата запали примерок од Куран пред турската амбасада во Стокхолм. Палудан беше опкружен со бројни припадници на полицијата во текот на палењето на светата исламска книга.

AA
Популарни