Ердоган до дијаспората: Искористете го вашето демократско право / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган им се заблагодари на гласачите во странство кои излегоа на гласачките места на изборите на 14 мај и ги повика да излезат да гласаат и во вториот круг од претседателските избори за 28 мај.

Ердоган на профилот на социјалната мрежа Твитер упати порака до турските гласачи кои живеат во странство. „Драги наши државјани кои живеете во странство, успешно го завршивме првиот круг од изборите на кои во рекорден број излеговте на гласање“, рече Ердоган, додавајќи дека многу гласачи во странство гласале за него и Народната алијанса.

„Не подлегнавте на обидите на припадниците на терористичката организација да ве заплашат и извршат притисок. Дополнително ја зајакнавте демократијата во Туркије и нѐ направивте горди.“

Тој изрази длабока благодарност до гласачите во странство на искрениот и демократски став кој го покажаа.

„Сега пред нас е вториот круг од претседателските избори. Утре (сабота, 20 мај) почнува гласањето во странство и на граничните премини. Барам од вас да го искористите вашето демократско право и се надевам дека од овој тест ќе излеземе со чиста совест“, додаде Ердоган.

Народната алијанса на Ердоган предводена од владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) освои мнозинство во парламентот.

На претседателските избори ниту еден кандидат не освои мнозинство гласови, а во вториот изборен круг на 28 мај учествуваат актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган кој освои 49,5 отсто гласови и водачот на турската опозиција Кемал Киличдароглу кој во првиот круг доби 44,89 отсто гласови.

Излезноста на гласачите на изборите во земјата изнесува 88,92 отсто, а излезноста на турските државјани во странство 52,59 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни