Нови згради во рок од една година ќе бидат изградени во 10 провинции кои беа погодени од катастрофалните земјотреси, најави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Toj го посети Кахраманмараш, област најтешко погодена во разорниот земјотрес каде имаше голем број жртви. Се проценува дека станува збор за најголема катастрофа која ја погодила Туркије во последните 100 години.
„Досега имаме 8.574 загинати, 49.133 повредени, имаме 6.444 срушени згради“, рече турскиот претседател Ердоган, на прес-конференцијата по посетата на шаторската населба.
Тој изјави дека државата ги мобилизирала сите свои средства и организации на чело со АФАД.
„Нашите граѓани не треба да бидат загрижени, никогаш нема да дозволиме да останат на улица“, рече Ердоган.
Претседателот Ердоган рече дека за граѓаните погодени од земјотресот се обезбедени сместувачки капацитети во хотелите во градовите Анталија, Мерсин и Аланија, на јужниот брег на Туркије.
Сите граѓани кои сакаат ќе можат да преминат во овие градови, каде се ќе им биде обезбедено, а со што ќе биде олеснета и работата на спасувачките служби на терен во наредниот период.
Ердоган додаде дека на сите семејства погодени од земјотресот ќе им бидат уплатени по 10.000 турски лири, за да им се олесни во овие тешки моменти.
„Нашата цел е во наредните година дена да спроведеме операции на масовно станбено згрижување во 10 градови, токму како што правевме во другите региони во кои доживеавме катастрофи“, додаде Ердоган.
Според податоците на АФАД вкупно 50.818 шатори поставени се за преживеаните. На терен се испратени и 5.434 возила, меѓу кои се багери, трактори и булдожери.
Со цел операциите на пребарување и спасување се изведат што побрзо, Туркије во вторникот (7 февруари) прогласи вонредна состојба на три месеци во десет провинции вклучувајќи ја Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Кахраманмараш, Килис, Малатја, Османије и Шанлиурфа.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени по Рихтер во понеделникот рано наутро го погоди југот на Туркије. Епицентарот на земјотресот е регистриран во Пазарџик во Кахраманмараш. Областите Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османије, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресот.
Потоа нов земјотрес со јачина од 7,6 степени по Рихтер во понеделникот го погоди Елбистан, исто така во Кахраманмараш.
Од последиците на земјотресот и во соседна Сирија животот го загубија најмалку 2.530 лица, а 4.645 лица се повредени.