Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес го критикуваше Западот поради молкот пред израелската војна во Појасот Газа, во која се убиени повеќе од 41.400 Палестинци, главно жени и деца, од 7 октомври.
„За жал, многу западни земји молчат пред Израел и никогаш не зазеле став против Израел“, изјави Ердоган за американскиот NBC News.
„Меѓу сојузниците на НАТО, за жал, има многу земји кои се на страната на Израел. Во моментов ние сме во Соединетите Американски Држави, а САД се всушност една од нив“, истакна Ердоган,
Ердоган рече дека американскиот претседател Џо Бајден го критикува Израел од една страна, но на Израел му дава оружје, муниција и испрати носач на авиони во Средоземното Море како поддршка на Тел Авив.
Запрашан за претседателските избори во САД на кои потпретседателката Камала Харис и поранешниот американски претседател Доналд Трамп се борат за Белата куќа, Ердоган рече дека соработката меѓу Туркије и САД ќе продолжи без оглед на резултатот.
„Како лидери кои управуваат со државите, нациите и народите, не е можно да размислуваме поинаку. На глобално ниво, позициите на САД и Русија се јасни. Ќе продолжиме да одржуваме блиски односи со сите администрации“, рече Ердоган.
За односите меѓу Туркије и Русија и одлуката на Анкара да учествува на состанокот на БРИКС во октомври во Русија, Ердоган рече:
„Нашите односи со Русија се повеќедимензионални. Имаме политички, економски, културни и конекции во одбранбена индустрија“.