Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, коментирајќи ги настаните за време на Самитот на Европската политичка заедница во Прага, изјави дека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис не ги знае протоколарните правила.
На прашањето дали дошло до жестока размена на зборови со грчкиот премиер на вечерата за лидерите кои вчера присуствуваа на Европската политичка заедница во Прага, Ердоган рече дека Кирјакос Мицотакис не ги знае протоколарните правила.
„Дали мислите дека претседателот на Република Туркије би се спуштил на такво ниво?“, изјави Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.
„Тој [Мицотакис] е човек кој не ги знае прoтоколарните правила. Иако не требаше да одржи говор во програмата, не знам од кого доби дозвола, тој се обиде да ми одговори“, додаде Ердоган.
Во врска со последниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Ердоган рече: „Тој особено се заблагодари за нашето посредување и рече: „Ѝ честитам на Туркије за ова успешно посредување.““
На прашањето во врска со договорот за Ф-16 со САД, турскиот претседател потврди дека „доколку САД не ги задоволат нивните потреби во однос на Ф-16, има многу други земји во светот кои ќе им го дадат она што им треба“.