Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, во петокот изјави дека историјата ќе ја потврди правичната позиција на неговата земја за прашањето на Газа, исто како што тоа го направи во случајот со Сирија.
„Како што се покажа дека сме биле во право во однос на Сирија, така ќе покаже историјата во однос на кризата во Газа“, рече Ердоган на настанот на Собранието на турските извозници во Истанбул.
Ердоган изрази надеж дека „сонцето на слободата и правдата родено во Сирија во последните недели од 2024 година ќе се види и на небото над Газа во 2025 година“.
Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, ставајќи крај на режимот на партијата Баас, кој беше на власт од 1963 година.
Ердоган исто така подвлече дека Туркије е единствената земја која целосно ја прекинала трговијата со Израел, која изнесува околу 9,5 милијарди долари, поради војната во Газа.
Тој посочи и дека во текот на 2024 година турскиот извоз достигна рекордно високо ниво од 262 милијарди долари, што е зголемување од 2,5 отсто на годишна основа.
Eрдоган додаде дека надворешнотрговскиот дефицит на Туркије е намален за 24 милијарди долари во 2024 година.
„Туркије има за цел да постигне економски раст од четири отсто во 2025 година преку нето-извоз и постојани капитални инвестиции“, рече турскиот претседател, додавајќи дека турската економија бележи континуиран раст во изминатите 17 квартали.