Нашиот идеал за целосно независна Туркије веќе не е само реторика, туку чекор по чекор станува и реалност, рече Ердоган / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека изминатите 21 година влегле во историјата како златно доба на Република Туркије.

Во своето обраќање на форумот „Работен век на 100-годишнината од Република Туркије“ во Истанбул, Ердоган изјави дека промените во технологијата директно се одразуваат и во областа на работата и бизнисот.

Истакна дека сегашната трансформација, која се состои од дигитализација и зелена трансформација, силно влијае на работната сила, глобалната конкуренција меѓу државите и светскиот екосистем.

Ердоган нагласи дека чекор по чекор се оди кон остварување на целите засновани на краткорочните, среднорочните и долгорочните планови.

Тој истакна дека вкупните резерви на Централната банка достигнале 145,5 милијарди долари (133 милијарди евра), што е највисоко ниво во нејзината историја.

Додаде дека турските граѓани најдобро знаат колкав напредок постигнала земјата во изминатите две децении.

„Со голема гордост сакам да кажам дека 21 година зад нас веќе влегоа во историјата како златни години на Република Туркије. Донесовме големи промени во сите области, од сообраќајот, туризмот, одбранбената индустрија, технологијата, животната средина, урбанистичкото планирање, борбата против тероризмот до здравството. Целосно го сменивме ликот на нашите градови. Ја спасивме нашата држава од срамот на долгорочното занемарување и недостатоци“, рече Ердоган и додаде:

„Нашиот идеал за целосно независна Туркије веќе не е само реторика, туку чекор по чекор станува и реалност“, рече турскиот претседател.

Тој нагласи дека сите 85 милиони турски граѓани ќе ги здружат силите за „Столетието на Туркије“.

„Веќе никакви пречки не можат да нè сопрат кога ќе го постигнеме тоа“, рече Ердоган.

Визијата „Столетие на Туркије“ е сеопфатна мапа за прогресот на турската држава и народ.

AA
Популарни