Извозот на Туркије во 2023 година достигна рекордно високо ниво од 255,8 милијарди долари, што е зголемување за 0,6 отсто во однос на претходната година, објави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Бројката ја надмина целта на нашата среднорочна програма од 255 милијарди долари“, истакна Ердоган на собир во Истанбул во врска со прелиминарните податоци за надворешната трговија.
„Соодносот на покриеност на извозот и увозот се зголеми за 0,8 процентни поени во однос на претходната 2022 година достигнувајќи 70,7 отсто во 2023 година“, нагласи Ердоган.
Тој рече дека надворешниот трговски дефицит на земјата се намалил за 3,2 отсто во 2023 година во однос на претходната.
„Освен во јули, нашиот трговски јаз на годишно ниво се намалуваше во последните 7 месеци од 2023 година“, изјави турскиот претседател.
Посочи дека Туркије има за цел да го зголеми извозот на стоки и услуги во 2024 година на над 375 милијарди долари и додаде: „Туркије има повеќе од доволно моќ да ја постигне оваа цел.“