Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека нивото на расизмот, ксенофобијата и исламофобијата достигнаа опасна точка на прекршување. „Расизмот, ксенофобијата и исламофобијата, кои се шират како вирус особено во развиените земји, достигнаа неподносливо ниво“, рече Ердоган во своето обраќање на 78-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Ердоган предупреди дека знаците на ксенофобијата, расизмот и исламофобијата кои прераснуваат во нова криза достигнаа алармантни размени во минатата година.
Наведувајќи дека говорот на омраза, поларизацијата и дискриминацијата на невините луѓе ја навредуваат јавната совест во сите делови на светот, турскиот лидер рече дека популистичките политичари во многу земји сè уште си играат со оган охрабрувајќи ги овие опасни трендови.
„Менталитетот кој поттикнува грозоморни напади врз Светиот Куран во Европа, дозволувајќи ги под маската на слободата на изразување, всушност ја затемнува сопствената иднина“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека Туркије ќе продолжи да ги поддржува иницијативите за борба против исламофобијата на сите платформи, особено на платформите на ОН, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Организацијата за исламска соработка (ОИС).
Ердоган исто така ги повика светските лидери, за кои рече дека ги отфрлаат таквите напади врз светите вредности, да ја поддржат борбата на Туркије. Туркије очекува ЕУ да ги исполни своите обврски
Турскиот претседател понатаму рече дека неговата земја очекува Европската унија (ЕУ) да ги исполни своите долго запоставени обврски кон Анкара.
„Сè покомплексната природа на регионалните и глобалните предизвици укажува дека има потреба, сега повеќе од кога било, да се унапредат односите меѓу Туркије и Европската унија на здрава основа“, рече Ердоган.
Тој рече дека првенсрвено мора да се запре со амбивалентниот став на ЕУ кон Туркије.
Опасност од евентуална интервенција во Нигер
Турскиот претседател остро ја предупреди меѓународната заедница за потенцијалните последици од каква било воена интервенција во Нигер, нагласувајќи го ризикот од подлабока нестабилност за нацијата и за целиот регион Сахел. Ердоган нагласи дека Сахел се соочува со сериозни политички, економски, социјални и безбедносни предизвици.
„Секоја воена интервенција во Нигер ризикува да ја турне оваа земја и целиот регион во подлабока нестабилност. Се надеваме дека Нигер, кој минува низ тежок период на предизвици, ќе постигне уставен поредок и демократско управување што е можно поскоро“, рече Ердоган.
Карабах е територија на Азербејџан
Коментирајќи ги последните настани во Карабах и азербејџанската антитерористичка операција за воспоставување уставен поредок, Ердоган јасно кажа дека Карабах е територија на Азербејџан и дека никогаш нема да се прифати наметнување каков било друг статус на тој регион.
„Од самиот почеток го поддржавме преговарачкиот процес меѓу Азербејџан и Ерменија. Сепак, гледаме дека Ерменија не ја искористи целосно оваа историска шанса“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Туркије очекува Ерменија да ги исполни своите обврски, особено оние поврзани со отворањето на Коридорот Зангезур, клучен планиран мазен пат низ ерменската територија што го поврзува Азербејџан со ексклавата Нахчиван.
Тој додаде дека сега примарна цел треба да биде мирниот соживот на сите, вклучително и Ерменците, на територијата на Азербејџан.
„Туркије ги поддржува чекорите на Азербејџан за зачувување на неговиот територијален интегритет“, рече Ердоган.
Итно потребни реформи на институцијата Советот за безбедност на ОН
Поздравувајќи ја „новата агенда за мир“ на шефот на ОН Гутереш, Ердоган рече дека Република Туркије започнала бројни иницијативи за зајакнување на мирот и стабилноста.
„Советот за безбедност на ОН повеќе не е гарант на светската безбедност, туку стана бојно поле за политичките стратегии на пет земји“, рече Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека е неопходно брзо реструктуирање на институциите кои се под покровителство на ОН одговорни за воспоставување и заштита на безбедноста, мирот и благосостојбата на светот.
Ердоган, исто така, рече дека Туркије продолжува и ги зајакнува своите напори за ставање крај на руско-украинската војна преку дипломатија и дијалог, врз основа на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Коментирајќи ја војната во Сирија и политичката и безбедносната криза во Ирак, Ердоган рече дека Туркије го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на своите соседи и нема аспирации за ничија територија.
„Најголемата закана за интегритетот и политичкото единство на Сирија е поддршката на терористичките организации од страна на силите со интереси поврзани со таа земја“, рече Ердоган.
Тој додаде дека земјите кои продолжуваат да соработуваат со терористичките организации исклучиво за нивните политички и економски интереси немаат право да се жалат на тероризам. Тој додаде дека му е доста од лицемерието на оние кои ја користат терористичката организација ДЕАШ и другите терористички групи како параван за своите политички цели.
За блискоисточниот конфликт меѓу Палестина и Израел, тој рече дека траен мир на Блискиот Исток е можен само со конечно и мирно решение на проблемот меѓу двете држави.
„Без воспоставување на независна палестинска држава на нејзина територија во границите од 1967 година, тешко е Израел да го воспостави посакуваниот мир и безбедност“, рече Ердоган.
Ердоган рече и дека Туркије активно го поддржува процесот на дијалог меѓу Србија и Косово, како и дека го поддржува градењето на постојана стабилност на Балканот.
На крајот од својот говор Ердоган ја повика меѓународната заедница да ја признае независноста на Турската Република Северен Кипар и да воспостави дипломатски, политички и економски врски.