Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во четвртокот му рече на својот американски колега Џо Бајден дека Израел не сака прекин на огнот во Појасот Газа.
Ердоган во телефонски разговор рече дека атентатот врз политичкиот шеф на Хамас Исмаил Ханије „нанесе тежок удар“ на напорите за прекин на огнот во Газа.
„Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на секој чекор покажува дека не сака прекин на огнот и мир, а неговото неодамнешно обраќање пред американскиот Конгрес предизвика длабоко разочарување во Туркије и во светот“, му рече Ердоган на Бајден.
„Израел работи на ширење на пожарот во Газа на целиот регион“, нагласи Ердоган.
Телефонскиот повик дојде набргу откако Туркије објави дека Националната разузнавачка организација на земјата (МИТ) спровола успешна размена на затвореници во која беа вклучени седум земји во „една од најобемните“ операции за размена во последниве години.
Вкупно 26 лица од затворите во САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија беа разменети и транспортирани во главниот град на Туркије, Анкара.
Бајден му се заблагодари на Ердоган за неговите напори во врска со размената на заложници, која вклучува тројца американски државјани и еден американски носител на зелена карта - Пол Вилан, Еван Гершкович, Алсу Курмашева и Владимир Кара-Мурза.
За време на телефонскиот разговор двајцата лидери разговараа и за билатералните односи. „Туркије прави се за да ги развие билатералните односи со САД на секое поле“, подвлече Ердоган.