Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, рече дека земјата ќе се претстави пред светот со нови производи од одбранбената индустрија што отвораат нови терени во областа, го обликуваат секторот и имаат напредна технологија.
Ердоган имаше обраќње пред присутните на церемонијата на затворањето на 16. Меѓународен саем на одбранбена индустрија (ИДЕФ 2023), организиран во Истанбул под покровителство на Министерството за одбрана на Туркије.
„Напредокот што го постигнавме во областа на одбранбената индустрија е и наша референција, наш извор на инспирација и показател за тоа колку сме способни да направиме“, рече Ердоган.
Тој најави дека Туркије ќе ги забрза проектите од одбранбената индустрија.
„Ќе ги идентификуваме потребите на секторот и ќе развиеме оригинални решенија“, рече Ердоган.
Турскиот претседател понатаму изјави дека во 2002 година Туркије имала само 57 свои компании во секторот за одбрана, а денес има 2.500.
Коментирајќи го мегапроектот за развој на турскиот борбен авион од домашно производство, Ердоган рече дека авионот го напуштил хангарот пред три месеци, а се очекува да полета до крајот на годината.
„Туркије ќе продолжи да ги споделува своите способности во областа на одбранбената индустрија со пријателските и братските земји“, рече Ердоган.
Тој, исто така, истакна дека не е коректно да се користи виталното прашање, како што е безбедноста, како закана и елемент на притисок меѓу земјите.
„Поставивме цел за наредниот период, заедно со зголемувањето на извозот во секторот, да го јакнеме нашиот екосистем на одбранбената индустрија“, порача Ердоган.