Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије секогаш ќе биде на страната на невините и угнетените.
Ердоган денес во турскиот град Муш присуствуваше на одбележувањето на 953-годишнината на историската победа во Битката кај Малазгирт.
„Нашиот пат е 'Векот на Туркије'. По овој пат ќе чекориме токму под светлината на победата во Малазгирт“, нагласи турскиот лидер.
Ердоган во последните години ја претстави визијата за „Векот на Туркије“, која вклучува голем број програми, проекти и цели во согласност со националните интереси на Република Туркије.
Тој рече дека Туркије секогаш ќе биде на страната на невините и угнетените.
„Нашата цел е да бидеме надеж за угнетените, спас за раскрвавените рани и светлина за идните генерации. Нашата мисија е секогаш да бидеме на страната на вистината во битката меѓу вистината и лагата“, рече Ердоган.
Тој посочи дека можат да ги надминат сите предизвици само доколку останат обединети и сложни како народ.
„Не сме дозволиле и никогаш нема да дозволиме да нѐ разединат оние кои се обидуваат да нѐ поделат врз основа на нашите разлики и оние кои се обидуваат да сеат раздор меѓу нас“, рече Ердоган.
Битката кај Малазгирт, град во источна Туркије, се случила во 1071 година кога турските Селџуци под водство на султанот Алп Арслан го поразиле византискиот император Роман IV. Последица на поразот било слабеењето на одбранбената моќ на Византијците, но и доселување на турското население во историската провинција Анадолија.
Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден настан кој бил директно одговорен за последователниот пад на Византија, а Селџуците, засилени од победата во таа битка, ги продолжиле своите победнички походи во Мала Азија.