Ердоган рече дека очекува поголема поддршка и солидарност од германските власти во борбата против тероризмот / Photo: AA

Повеќе не одржуваме интензивни трговски односи со Израел, тоа е готово, изјави денеска во Анкара турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган денеска во Анкара се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна посета на Туркије. По средбата беше одржана заедничка прес-конференција.

Зборувајќи за трговските односи меѓу неговата земја и Германија, Ердоган рече дека обемот на трговската размена во моментов изнесува 50 милијарди долари, а целта е постепено оваа сума да се зголеми на 60 милијарди долари.

„Се надеваме дека Туркије и Германија отсега ќе зборуваат за заеднички производствени проекти, а не за пречки, особено во областа на одбраната. Сакаме да ги отстраниме од агендата ограничувањата со кои се соочуваме во одбранбената индустрија“, рече Ердоган.

Ердоган рече дека очекува поголема поддршка и солидарност од германските власти во борбата против тероризмот.

Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа, Ердоган рече дека „Нетанјаху ја загрозува безбедноста на целиот наш регион, вклучувајќи ги и неговите граѓани, само за да го продолжи својот политички опстанок“.

„Не треба да дозволиме напорите на израелската администрација да ги отстрани од дневен ред злосторствата против човештвото и масакрите што ги извршија во Газа. Ќе продолжиме со зголемените напори да обезбедиме прекин на огнот и непречена испорака на хуманитарна помош за палестинскиот народ во Газа“, рече Ердоган.

На новинарско прашање како ги појаснува своите изјави во кои ги споредува методите на Израел и Нетанјаху во Газа со нацистичките методи, додека во исто време Туркије одржува интензивни трговски односи со Израел, Ердоган одговори:

„Ние повеќе не одржуваме интензивни трговски односи со Израел, тоа е готово. Мојот министер за надворешни работи неодамна го објави ова“.

Ердоган додаде дека неговата земја во моментов вложува големи напори за размена на затвореници.

AA
Популарни