Ердоган: Нема да дозволиме 15 јули да биде заборавен / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган во Истанбул изјави дека нема да дозволи 15 јули да биде заборавен како за седум години, така ниту за 70 години.

Ердоган им се обрати на насобраните граѓани во Истанбул на програмата организирана по повод седмата годишнина од неуспешниот обид за државен удар во 2016 година, кога членови на терористичката организација ФЕТО, инфилтрирани во државните институции се обидоа да ја соборат демократски избраната влада во таа земја.

Ердоган во текот на обраќањето говореше за важноста на чувањето од заборав на она што се случило во ноќта на 15 јули. „На седмата годишнина на 15 јули изјавувам дека нема да дозовлиме 15 јули да се заборави, како за седум, така ниту за 70 години“, рече Ердоган.

Зборувајќи за важноста на меморијата, Ердоган потсети и на зборовите на првиот претседател на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ, кој рече дека „заборавениот геноцид се повторува“.

„Мораме да имаме на ум дека исто како заборавен геноцид, заборавено предавство ќе удри во грб на многу подмолен начин“, рече Ердоган наведувајќи дека тоа е една од причините поради која 15 јули го прогласиле за Ден на демократијата и национално единство.

„Ако заборавиме, да не даде Господ, ќе отвориме пат на слични катастрофи“, рече Ердоган и додаде:

„Како што ги препознавме предавниците на ФЕТО, во нашето трајно сеќавање ги забележавме и нивните помагачи. Кој не е во состојба да го разбере 15 јули, тој не може да го разбере благородниот став на овој народ кој им се спротивстави на разбојниците, шакалите (грабливците) и хунтата.“

За време на обраќањето, Ердоган рече и дека гневот кон оние кои ја пролеале крвта на турските деца мора да се одржи жив. Помеѓу останатото, Ердоган рече дека 15 јули беше отпор на оние кои загинаа за татковината и народот и оние кои во пролетта на својот живот не паднаа пред тенковите, пушките и куршумите.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Туркије во ноќта на 15 јули во 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Република Туркије официјално побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во судството на Туркије се обидоа да процесуираат бројни високопозиционирани функционери со монтиран судски процес за наводна корупција.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч кој го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Туркије загинаа 253 лица, а ранети се повеќе од 2.730.

TRT Balkan / агенции
Популарни