Претседателот на Туркије и претседател на Партијата за правда и развој (АК партија), Реџеп Таип Ердоган, истакна дека нема да дозволат Сирија уште еднаш да биде поделена.
Претседателот Ердоган претседаваше со состанокот на претседателите на провинциите на АК партијата во Конгресниот центар на оваа партија. Во своето обраќање Ердоган истакна: „Нашите молитви и верувања се дека Сирија, по 61-годишната диктатура на Баас и целосната темница во последните 13 години, ги дочека своите светли денови.“
Зборувајќи за случувањата во Сирија изминатите години, турскиот претседател рече: „Не можеме да дозволиме повторна поделба на Сирија. Во никој случај не можеме да дозволиме територијата на таа земја повторно да стане средиште на судири.“
Осврнувајќи се на сѐ борбата што ја водеше сирискиот народ и конечниот пад на режимот на Асад, Ердоган продолжи со зборовите:
„Сирискиот народ го круниса своето благородно востание со победа, соборувајќи го системот на угнетување што траеше со децении, бранејќи ги својата слобода, права и иднина.“
Зборувајќи за терористите во Сирија на кои режимот по повлекувањето им отстапи големи територии, Ердоган изрази надеж дека сите терористи на ДAEШ и ПКК/ПЈД кои дејствуваат во другите делови на Сирија ќе бидат уништени што е можно побрзо.
Повторувајќи ја поддршката на Туркије за Сирија и оние кои ќе бидат избрани во новата сириска влада, претседателот Ердоган посочи: „При каков било напад врз стабилноста на новата сириска влада или целоста на древната сириска територија, ќе се соочат и со нас и со сирискиот народ.“
За мигрантите кои беа принудени да ја напуштат Сирија изминатите години поради воените судири и тортурата, Ердоган рече дека Туркије секогаш ќе биде покрај Сиријците кои се на пат да се вратат во Сирија.