Ердоган повтори дека има надеж за мирно решение за војната во Украина     Фото: AA

„Нема пречки за продолжување на историскиот договор за извоз на жито, потпишан пред четири месеци во време на тековната руско-украинска војна, така што руското жито и вештачкото ѓубриво може да се испраќаат и на светските пазари“, рече турскиот претседателот.

„Нема пречки за продолжување на договорот. Во ова се уверив по мојот телефонски разговор со (украинскиот претседател Владимир) Зеленски синоќа и на мојот состанок со (рускиот претседател Владимир) Путин. Но, во меѓувреме, ако има некаква блокада, нема пречка да ја надминеме“, изјави Реџеп Таип Ердоган на прес конференција додека се враќаше од патувањето во Азербејџан.

Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, кој беше сопрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари.

Страните во моментов преговараат за можно продолжување и проширување надвор од крајниот рок од 19 ноември при што може да биде опфатен и рускиот извоз на жито и вештачки ѓубрива.

Ердоган рече дека според договорот, повеќе од 8 милиони тони украинско жито биле испорачани на светските пазари на 363 бродови заклучно со четвртокот, додавајќи дека 62% од украинските пратки биле испратени во Европа, 19,5% во Азија, 13% во Африка, а 5,3% за земјите од Блискиот Исток.

Туркије е во близок контакт и со Русија и со Украина од почетокот на војната. Ердоган постојано ја истакнува желба да ги седне Путин и Зеленски на преговарачка маса во Туркије за да и се стави крај на војната.

„Не сме безнадежни. Нашата надеж е дека ќе продолжиме по патот за мир со зближување на двајцата лидери“, додаде тој.

Аеродромот Лачин ќе биде отворен во 2023 година

Ердоган и неговиот азербејџански колега Илхам Алиев во четвртокот заеднички го инаугурираа меѓународниот аеродром Зангилан, вториот аеродром во Азербејџан на териториите што беа вратени од Ерменија за време на Карабашката војна во 2020 година.

„Повторното воспоставување на врската на регионот со светот и зајакнувањето на транспортните линии се стратешки потези. Се надеваме дека ќе ги крунисаме овие унапредувања со отворање на аеродромот во Лачин следната година“, рече Ердоган.

Претседателот рече дека за време на неговите разговори со Алиев, разговарале и за мирот и стабилноста во регионот на Кавказ.

„Одредувањето на границите, отворањето на патот за поврзување меѓу Нахчиван (автономниот регион) и западните региони на Азербејџан и потпишувањето на мировниот договор ќе бидат важни чекори за нормализација на регионот“, додаде тој.

Ердоган, исто така, рече дека нема сомневање дека напредокот во разговорите меѓу Азербејџан и Ерменија ќе го поттикне процесот на нормализација меѓу Анкара и Ереван, исто така.

Претходно овој месец, Ердоган, Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан имаа краток разговор пред самитот на Европската политичка заедница во чешкиот главен град Прага.

По состанокот, Ердоган рече дека Анкара сака да ги подобри врските меѓу трите земји и да ги реши отворените прашања.

„Анкара има алтернативни планови доколку САД го одбијат договорот за Ф-16“

Во услови на тековни преговори со Вашингтон за продажба на борбените авиони Ф-16 на Туркије, Ердоган рече дека разговорите продолжуваат според планираното.

Во врска со неодамнешните изјави на американскиот сенатор Боб Менендез кој вети дека ќе блокира каков било договор за Ф-16 додека турскиот претседател не ја „запре кампањата на агресија против регионот“, Ердоган рече: „Изјавите на сенаторите како Менендез се нивни лични мислења, нивни лични тврдења. Тоа на кој било начин не ја одразува ситуацијата во институциите.

„Покрај тоа, нивните односи со Грција се исто така предмет на посебно прашање. Зошто тие се толку пристрасни за ова прашање?“, додаде тој.

Ердоган рече дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, нагласил дека продажбата ќе биде важна и за алијансата, додавајќи дека Туркије внимателно го следи ова прашање.

„Противењето само на Менендез нема да спречи нешто“, подвлече тој.

Ердоган, исто така, повтори дека набавката од САД не е единствената можност за Туркије, додавајќи дека Анкара има алтернативни планови доколку Вашингтон го одбие договорот.

„Исто како и со С400, ние преговараме со алтернативи надвор од САД кога тоа е потребно“, рече тој.

Минатата недела, во развојот на настаните што го поздрави Анкара, два амандмани со кои се поставуваат услови за потенцијална продажба на Ф-16 на Туркије, наводно, биле отстранети од верзијата на соодветниот закон во Сенатот.

Условите вклучуваа барање од американскиот претседател да преземе чекори за да се осигура дека борбените авиони „Туркије нема да ги користи за повеќекратни неовластени територијални прелети над Грција“.

Кандидатурата на Шведска за НАТО

Во врска со барањето на Шведска за влез во НАТО претходно оваа година, Ердоган рече дека Анкара нема да го промени својот став против пристапувањето на земјата додека не ги екстрадира во Туркије терористите кои живеат во нејзините граници.

„Во меѓувреме, новиот шведски премиер побара термин. Им реков на нашите пријатели: „Закажете состанок“. За овие прашања ќе разговараме и во нашата земја. Нашето мислење за оваа точка не е променето. Тие мора да ги фатат терористите кои се осудени и да ни ги предадат“, рече тој.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во четвртокот ја повтори својата посветеност на меморандумот потпишан кон крајот на јуни меѓу Шведска, Финска и Туркије за пристапување на нордиските земји во НАТО.

„Ние сме многу посветени на договорот меѓу Шведска и Финска и Туркије, и правиме се што можеме што е можно поскоро за да ги исполниме сите обврски во него“, рече Кристерсон.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во јуни, одлука која беше поттикната од војната на Русија против Украина.

Сепак, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, упати приговори за кандидатурите за членство, критикувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките групи.

Трите земји потпишаа трилатерален меморандум за разбирање на самитот на НАТО во Мадрид во јуни, кој предвидува дека Финска и Шведска нема да обезбедат поддршка за ЈПГ/ПЈД - сирискиот огранок на терористичката група ПКК или Терористичката организација Фетула (ФЕТО), групата која стои позади пучот во Туркије од 2016 година кој беше поразен.

Финска и Шведска, исто така, се согласија да ги одговорат на барањата на Анкара за депортација или екстрадиција на осомничените за тероризам кои чекаат на решавање.

Парламентот на Туркије мора да го ратификува одобрението за членство на Финска и на Шведска за влез во НАТО.

„ПКК е дрска и развратна“

Во врска со неодамнешните измислени наводи од терористите на ПКК за употреба на хемиско оружје од страна на турската војска, Ердоган истакна дека Туркије никогаш не користела хемиско оружје и рече дека ќе бидат преземени правни мерки против тие што ги шират ваквите наводи.

Истакнувајќи дека сите дејствија на Туркије се во согласност со меѓународното право, тој рече: „Ова не е прв пат да прават такви клевети. Тие се дрски, тие се развратни. Сакаат нашата армија да ја извалкаат со калта".

Турското Министерство за национална одбрана во четвртокот, исто така, ги отфрли „целосно неоснованите и невистинитите“ наводи.

Во својата повеќе од 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК - означена како терористичка организација од Туркије, САД и ЕУ - е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња.

AA
Популарни