Ердоган: Нема прием во НАТО сѐ додека Шведска дозволува палење на Куранот / Photo: AA

Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије нема да даде зелено светло за прием на Шведска во НАТО сѐ додека властите на скандинавската земја дозволуваат палење на Куранот под полициска заштита.

„Нема да кажеме „ДА“ за влез на Шведска во НАТО се додека дозволува палење и кинење на нашата света книга Куранот, и сето тоа да се случува со одобрување на вашиот безбедносен персонал“, рече Ердоган, повикувајќи се на неодамнешното палење на Куранот во главниот шведски град Стокхолм.

Ердоган рече дека Туркије со внимание го следи развојот на настаните во врска со процесот на проширување на НАТО во контекст на заедничкото барање за прием кое го поднесоа Финска и Шведска.

„Нашиот поглед на кандидатурата на Финска е позитивен, но не е таков кога е во прашање Шведска“, рече Ердоган и со тоа сигнализираше подготвеност на Анкара да ја поддржи кандидатурата на Финска за НАТО одделно од Шведска.

Неговите забелешки следуваа откако данско-шведскиот екстремист Расмус Палудан минатата недела запали примерок на Куранот. Првин, тоа го направи пред Амбасадата на Туркије во Стокхолм, а подоцна пред џамијата во Данска. Палудан исто така рече дека секој петок ќе ја пали муслиманската света книга се додека Шведска не буде примена во НАТО сојузот.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за членство во НАТО минатиот мај, а нивната одлука е поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари 2022 година. Според меморандумот потпишан минатиот јуни помеѓу Туркије, Шведска и Финска, двете нордиски земји се обврзаа да преземат чекори против терористите за да стекнат членство во НАТО сојузот.

Во договорот Шведска и Финска се согласија дека нема да даваат поддршка на терористичките групи како што се ПКК и неговите ограноци и терористичката организација ФЕТО и дека ќе ги испорачаат во Туркије осомничените за тероризам.

AA
Популарни