Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кого го нарече „касапот на Газа“, го чека судбината на водачите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, зад кои стоеле Европа и многу земји додека во Босна вршеа геноцид.
Ердоган имаше обраќање пред членовите на клубот на пратеници на Партијата на правдата и развојот (AK Партија) во турскиот Парламент. За време на обраќањето тој направи паралела меѓу холокаустот, геноцидот во Сребреница и израелските масакри што повеќе од половина година се случуваат во Газа.
„Запомнете, Хитлер не беше сам кога го вршеше холокаустот. Многу земји во Европа го поддржуваа Хитлер. Додека Хитлер вршеше безмилосни масакри и геноцид се чувствуваше многу силен, моќен и непобедлив. Што се случи? Си пукаше во главата, а неговото изгорено тело беше пронајдено во неговиот бункер што беше во урнатини, како Германија“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека, исто така, Европа и многу земји застанале и зад водачите на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, додека тие вршеа масакри во Босна.
„Додека во Сребреница, која наводно беше под заштита на Обединетите нации, вршеа геноцид, зад нив стоеја моќни земји во светот. Тие пред очите на светот убија 8.372 наши босански браќа (шехиди). Не ни помислија дека еден ден за тоа ќе полагаат сметка. И што се случи? Фатени се, изведени пред суд и тие некогаш ‘моќни’ политичари и геноцидни генерали беа повикани на одговорност. Сега ја чекаат смртта в затвор. Не заборавајте, ‘касапот на Газа’ Нетанјаху и неговите соучесници во геноцидот во Газа, порано или подоцна ги чека иста судбина“, подвлече Ердоган.
Ердоган потсети дека Палестинците денес ја одбележуваат 76-годишнината од Накба и додаде: „Тагата на Накбата ја чувствуваме исто колку и Палестинците, кои порано или подоцна ќе се вратат во своите домови.“
„Нетанјаху и соучесниците во геноцидот ќе одговараат за секоја капка крв што ја пролеаја. Ќе вршиме притисок извршителите на геноцидот да одговараат пред законот“, нагласи Ердоган и додаде:
„Немојте да мислите дека Израел ќе застане во Газа. Ако оваа разуздана и терористичка држава не се запре, порано или подоцна ќе се сврти кон Анадолија со своите заблуди за ветената земја.“