Ердоган: Очекуваме претприемачите да се мобилизираат за обнова на градовите / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека очекува претприемачите да ги заштитат работните места и фабриките и да ги мобилизираат сите средства со кои располагаат за жртвите од разорните земјотреси што минатиот месец ги погодија јужните региони на Туркије.

Ердоган со пригодна порака им се обрати на учесниците на 26. Евроазиски економски самит организиран од Фондацијата „Мармара“ во Истанбул, а неговата порака ја прочита турскиот парламентарец и раководител на организацијата на тој собир, Самил Ајрим.

Турскиот претседател во својата порака истакна дека самитот се одржува во мрачен период кога турскиот народ се соочува со последиците од една од најголемите природни катастрофи што некогаш го погодиле човештвото.

„Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени во Кахраманмараш директно погодија 11 наши области и 14 милиони луѓе. Во тие земјотреси животот го загубија повеќе од 48.000 наши сограѓани, а економијата на нашата држава беше сериозно погодена. Мобилизацијата ја започнавме од првиот момент на земјотресот со поддршка на нашиот деловен свет. Продолжуваме на различни платформи“, рече Ердоган во пораката.

Истакнувајќи дека целта на Туркије е во рок од една година да ги обнови сите уништени градови, Ердоган рече дека во овој процес, покрај релевантните институции на државата, важни должности и одговорности има и деловниот свет.

„Очекуваме нашите претприемачи да ги заштитат работните места, фабриките и да ги мобилизираат сите ресурси што им стојат на располагање за нашите жртви во земјотресот. Верувам дека со заеднички напори како земја и народ ќе го надминеме овој тежок тест“, рече Ердоган.

TRT Balkan / агенции
Популарни