Ердоган се обрати на свеченото отворање на Исламската светска конференција за уставна правда и по тој повод зборуваше за актуелни прашања.       Фото: АА

Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека односот на Грција кон мигрантите достигнал ниво на дивјаштво.

Ердоган се обрати на свеченото отворање на Исламската светска конференција за уставна правда и по тој повод зборуваше за актуелни прашања.

Тој напомена дека на оваа конференција е прифатена Истанбулската декларација која има за цел зајакнување на соработката и размената на искуствата меѓу високите правосудни органи.

„Исламскиот свет е изложен на главно неправедни, неосновани и бескрупулозни критики, особено во поглед на правото и правдата“, рече Ердоган и продолжи:

„Оние кои не се во состојба да се соочат со сопственото колонијално минато, ни кажуваат за човековите права и владеењето на правото секогаш кога ќе отворат уста. Кога станува збор за сопствената безбедност не оставаат камен на камен, а нам ни кажуваат за нашиот правосуден систем. Тие не гледаат ништо лошо во поддршката на крвавите терористички организации во многу земји во светот и ни држат предавања за светоста на човечкиот живот.“

Ердоган ја критикуваше и миграциската политика на некои земји, особено односот на грчките власти кон мигрантите.

„Институциите кои ги затворија вратите за сириските, ирачките и африканските мигранти се максимално толерантни кога станува збор за терористите на ПКК и ФЕТО. Односот на нашиот западен сосед Грција кон мигрантите сега достигна ниво на дивјаштво.“

AA
Популарни