Украина го заслужува членството во НАТО, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по синоќешната средба со украинскиот претседател Владимир Зеленски во Истанбул.
Ердоган го пречека украинскиот претседател Зеленски со свечена церемонија во вилата „Вахдетин“ во Истанбул, а по билатералната и меѓуделегациската средба беше одржана и заедничка прес-конференција.
Ердоган рече дека Туркије е земја што вложила најинтензивни напори за да стави крај на руско-украинската војна преку преговори засновани врз меѓународното право.
„Ќе дадеме секаков вид поддршка Украина повторно да застане на нозе“, рече Ердоган и додаде: „Без сомнение, Украина заслужува членство во НАТО.“
Ердоган, исто така, порача дека се надева на продолжување на Црноморскиот договор за жито што истекува на 17 јули.
„Правиме напори за продолжување на Црноморскиот договор за жито“, рече Ердоган, напоменувајќи дека на состанокот се разговарало за 12-те турски брода заглавени во украинските пристаништа.
Турскиот претседател говореше и за темата за размена на заробеници.
„Слушнавме од претседателот (Зеленски) за размената на заробеници. Во преговори сме и со руската страна. Следниот месец Туркије ќе ја посети и господинот Путин, повторно ќе имаме можност да разговараме лице в лице“, истакна Ердоган.
Украинскиот претседател Зеленски, пак, порача дека е во Истанбул за да им се заблагодари на „сите што сакаат мир за нашата земја и нашите народи“.
„Благодарен сум за непоколебливата поддршка од Туркије за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, рече Зеленски.
„Украина сака да спроведе мировен план, а Туркије е подготвена да го преземе водството за тој план“, нагласи Зеленски.