Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговараше со ирскиот премиер Сајмон Харис и премиерката на Италија, Џорџа Мелони во врска со нападите на Израел врз Газа, како и за признавањето на државноста на Палестина.
Како што е соопштено од Директоратот за комуникации на Туркије, Ердоган за време на разговорот со Харис изразил благодарност што Ирска ја признала Палестина како држава и истакнал дека овој потег ќе го зајакне воспоставувањето мир и правда во регионот и напорите за постигнување решение со две држави.
Турскиот претседател, исто така, истакна дека за праведно и трајно решение, неопходни се чекори за да се принуди Израел да го почитува меѓународното право и дека секој треба да ја промовира визијата за мир.
Ердоган претходно во разговор со Мелони изрази надеж дека Италија ќе заземе „праведна позиција“ како Шпанија, Ирска и Норвешка и ќе ја признае државата Палестина.
Ердоган рече дека очекува Италија да биде „на вистинската страна на историјата“, соопшти турската Дирекција за комуникации.
Двајцата лидери разговарале и за билатералните односи, за израелските масакри на палестинските територии, како и за регионални и глобални прашања.
„Треба да се зголеми притисокот за да се запрат бруталните напади на Израел врз Палестина и да се принуди израелската влада да го почитува меѓународното право“, рече Ердоган.
Истакнувајќи ја важноста од воспоставување итен прекин на огнот во Газа, турскиот претседател рече дека приоритет на официјална Анкара е ослободување на затворениците и континуирана испорака на хуманитарна помош за Газа.