Претседателот на Република Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека поредокот кој ја ограничува судбината на човештвото на петте земји не е одржлив и повика на инклузивна и сеопфатна реформа на Советот на безбедност на Обединетите нации.
„Моменталниот поредок, кој ја заробува судбината на човештвото помеѓу усните на петте земји, не е одржлив. Постои итна потреба Советот за безбедност на ОН да се реформира со инклузивно и сеопфатно разбирање“, рече Ердоган на ифтарот со странските амбасадори и дипломати во Туркије.
Ердоган рече дека неговата земја сега ги бере плодовите на својата претприемничка и хуманитарна надворешна политика, со бројните земји кои на Туркије и помогнаа по разорните земјотреси на 6 февруари.
Коментирајќи ја руската војна против Украина, Ердоган изрази уверување во можноста за одржување праведен мир кој на двете страни ќе им овозможи да добијат чесен излез, а кој регионот ќе го извлече од виорот во кој е вовлечен.
Тој исто така рече дека Туркије е свесна за играта на зборовите, на дипломатските и воените трикови на терористичките групи и порача дека Туркије со внимание ги следи сите терористички закани.
По повод неодамнешните напади врз светата книга на муслиманите Куранот во европските земји, Ердоган рече дека тоа е неприфатливо и порача дека тука станува збор за злосторство од омраза.
„Овие злосторства, кои не само да навредуваат околу две милијарди муслимани, туку ги доведуваат до бес, мораат веднаш да прекинат“, рече турскиот претседател Ердоган.