Обемот на трговската размена меѓу Туркије и Израел треба да се зголеми од 9,5 на 15 милијарди долари / Photo: AA

Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера изјави дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ќе ја посети Туркије.

„Му реков ‘организирајте ваша посета (на Туркије), а потоа јас со својот тим ќе го посетам Израел. Се договоривме“, рече претседателот Ердоган во разговор со новинарите за време на престојот во Њујорк, каде што учествуваше на 78. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.

Турскиот претседател најави дека неговата земја со Израел ќе започне заедничка сондажа за испитување во доменот на енергетиката и истакна дека ќе почне активација на линија за пренос на енергија, не само во Туркије, туку и од оваа земја кон Европа.

Потсетувајќи на состанокот со израелскиот премиер во „Туркеви“ во Њујорк, Ердоган рече дека постигнале договор обемот на трговската размена меѓу Туркије и Израел да се зголеми од сегашните 9,5 на 15 милијарди долари, во првата фаза.

Ердоган рече дека е разгледувана можноста за воспоставување механизам кој би овозможил учество на министрите со цел продлабочување на соработката.

„Можно е двете земји да воспостават нова соработка во областите како што се енергетика, туризам и технологија“, рече Ердоган.

Средбата со Маск и фабрика на Тесла

Потсетувајќи на состанокот со Илон Маск, сопственикот и основачот на компанијата Тесла, Ердоган рече дека на таа средба се разговарало за инвестициите на оваа компанија во Туркије, како и за заедничките чекори во доменот на вселенската програма.

Ердоган рече дека го повикал Маск на претстојниот Саем на технологија и авијација (ТЕКНОФЕСТ) во градот Измир, и изрази очекување дека сопственикот на Тесла ќе присуствува.

Антитерористички акции на Азербејџан во регионот Карабах

Претседателот на Туркије се осврна и на антитерористичките акции на Азербејџан во регионот Карабах и посочи дека тие не биле насочени кон Ерменија, туку кон нелегалните вооружени групи во тој регион.

„Антитерористичките активности на Азербејџан во Карабах не се поврзани со премиерот (Ерменија) Пашињан, туку со ерменската бунтовничка група во тој регион“, рече Ердоган.

Средба Ердоган - Мицотакис

За време на престојот во Њујорк, Ердоган, меѓу другото, разговараше и со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, а во разговорот со новинарите укажа на значењето за одржувањето на актуелната добра клима во односите меѓу двете соседни земји.

Турскиот претседател најави самит на лидерите на Туркије и Грција на 7 декември во Солун.

„Тоа ќе биде важен импулс во односите меѓу двете земји. Состанокот го подготвуваат министрите за надворешни работи“, појасни Ердоган.

Меѓународно да биде признаена Турската Република Северен Кипар

Осврнувајќи се на значењето меѓународно да биде призната Турската Република Северен Кипар, Ердоган укажа на значењето на таквите чекори од аспект на јакнењето на мирот во регионот.

„Низа признавања на Турската Република Северен Кипар како независна држава би биле во служба на мирот во Источен Медитеран“, рече Ердоган.

Потреба од реформи во ОН

Претседателот на Туркије го повтори значењето на реформите во Обединетите нации, повикувајќи се на изјавата што и овојпат ја повтори во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, дека светот е поголем од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.

„Доколку ОН не спроведат реформи, доколку не бидат во склад со времето, нема да успеат во мисијата за сочувување на мирот. Најконкретен доказ за тоа е војната меѓу Русија и Украина“, посочи Ердоган.

Турскиот претседател рече и дека Русија не може да биде игнорирана во меѓународни рамки, нагласувајќи го значењето на дијалогот од аспект на ставање крај на војната.

„Русија е еден од водечките светски производители на жито, не можете да игнорирате таква земја“, истакна Ердоган.

Нападите на светите нешта не се слобода на изразување, туку злосторство од омраза“

Претседателот на Туркије во своето обраќање, но и во разговорите со бројни соговорници, истакна дека нападите врз светите нешта на муслиманите, првенствено сквернавењето на Куранот, не може да потпаѓаат под слобода на изразување, туку станува збор за злосторство од омраза.

„Зборував за опасностите што со себе ги носат нападите врз светите нешта под закрилата на слободата на изразување. Тоа не е слобода на изразување, тоа се активности кои претставуваат злосторство од омраза и го поткопуваат општествениот мир. Уште поболно е што од исламскиот свет нема посилни реакции на очекувано ниво. Ние, како Туркије, ќе продолжиме да реагираме на најсилен начин. Не само исламскиот свет, целата меѓународна заедница мора да го подигне гласот против нападите врз светите нешта. Сѐ додека тоа не биде така, светите нешта на другите вери исто така стануваат цел на напади. Нашите реакции за нападите врз исламските вредности би ги повториле и во случај на напади врз светите нешта на другите вери“, посочи Ердоган.

AA
Популарни