Ердоган по средбата со Ел Сиси посочи дека Туркије и Египет имаат заеднички став за прашањето за Палестина / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во средата изјави дека Анкара е решена да ја подобри соработката со Египет на сите полиња, вклучително и индустријата, трговијата, одбраната, здравството, животната средина и енергетиката.

Ердоган се обрати на новинарите на прес-конференција со неговиот египетски колега Абдел Фатах Ел-Сиси, кој денеска пристигна во прва официјална посета на Република Туркије.

„Одлучно се движиме кон целта трговската размена меѓу Туркије и Египет да се зголеми на 15 милијарди долари во следните пет години“, рече Ердоган.

Тој исто така нагласи дека придонесот на Туркије и Египет се од клучно значење за регионалниот мир и стабилност.

Осврнувајќи се на војната во Газа, Ердоган истакна дека Израел и неговите помагачи се одговорни за смртта на секој човек во Газа предизвикана од големиот недостиг на храна, вода и лекови.

Турскиот претседател рече дека „одговорните за смртта на 41.000 невини луѓе во Газа треба да стојат во судниците, а не зад собраниските говорници“.

„Продолжува бескомпромисниот и опструктивен однос на Израел. Со убиството на соговорникот во преговорите, Израел покажа каков менталитет поседува“, рече Ердоган.

Тој рече дека само со напуштање на неодлучната политика е можно да се спречи Израел да го вовлече регионот во дополнителни тензии.

Коментирајќи ги неодамнешните изјави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху против Египет, Ердоган рече дека официјална Анкара ги отфрла обвинувањата против Каиро.

Ердоган по средбата со Ел Сиси посочи дека Туркије и Египет имаат заеднички став за прашањето за Палестина.

Во присуство на двајцата претседатели беа потпишани вкупно 17 договори за соработка меѓу двете земји.

Ердоган го пречека Сиси на аеродромот Есенбога во Анкара, по што пред претседателската палата во Анкара беше приреден свечен пречек со највисоки државни почести.


AA
Популарни