Туркије помогна да се избегне глобална прехранбена криза со договорот за жито што овозможи извоз на украинско жито на меѓународните пазари преку Црното Море, изјави во понеделникот претседателот Реџеп Таип Ердоган.
„Со Црноморската иницијатива за жито иницирана заедно со ОН, ја спречивме опасноста од глобална криза со глад со тоа што обезбедивме 33 милиони тони житни производи да бидат испорачани на светските пазари. Продолжуваме со нашите напори да го ублажиме товарот на регионите кои се изложени на ризик од глад, особено Африка“, рече Ердоган во видео пораката по повод Светскиот ден на храната 2023 година.
„Туркије, која е меѓу „најдарежливите“ земји во светот во однос на развојната помош, нема да се двоуми да ја преземе одговорноста за изнаоѓање решение за кој било проблем, вклучително и кризи со храна и вода“, додаде претседателот.
Светскиот ден на храната е меѓународен ден кој се слави секоја година во светот на 16 октомври за да го одбележи датумот на основањето на Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) во 1945 година.
Темата на оваа година е „Водата е живот, водата е храна. Никого не оставај зад себе“.
„Не гледаме никаква разлика во природата помеѓу заштита на нашата вода и заштита на нашата татковина. За таа цел, како Влада, реализиравме многу важни проекти кои ќе ја гарантираат безбедноста на водата и храната на нашата земја во последните 21 година“, рече Ердоган.
Тој предупреди дека човештвото постепено се оддалечува од пристапот „Нулта глад во 2030 година“, кој е меѓу најважните теми на Целите за одржлив развој на ОН.
Според Организацијата за храна и земјоделство, еден од девет луѓе во светот се бори со глад, рече турскиот претседател, додавајќи:
„Сепак, годишно во светот се произведуваат од 4 до 5 милијарди тони храна. Додека оваа количина се смета дека е доволна за светската популација предвидена за 2050 година, за жал, не е доволно за денешното светско население. Затоа што 21 тон од 127 тони храна произведени секоја секунда низ светот се трошат залудно“.
Од друга страна, рече тој, залудно потрошената храна предизвикува брзо трошење на водните ресурси.
Ердоган, исто така, ги покани сите свои колеги да преземат иницијатива кон целта „Нулта загуба на храна“, која е една од компонентите на проектот „Нула отпад“ инициран од турската прва дама Емине Ердоган и претворен во глобално движење под капата на ОН.
„Да почнеме од денес, 16 октомври, Светски ден на храната, а не утре, да ја заштитиме нашата храна и да ставиме крај на фрлањето храна“, нагласи Ердоган.